Стефановиќ: Авионот Антонов превезувал муниција на српска компанија во Бангладеш, загинаа осум членови на екипажот

Фото: Јутјуб/принтскрин

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ денеска изјави дека авионот Антонов 12 што се урна во близина на Кавала, северна Грција, превезувал 11,5 тони муниција од српската наменска индустрија во Бангладеш, а во несреќата загинале осум членови на екипажот.

Стефановиќ на прес-конференцијата рече дека авионот на украинската компанија Меридијан ЛТД. полетал од Ниш синоќа околу 20:40 часот и превезувал муниција на српската компанија Валир за Министерството за одбрана на Бангладеш, биле планирани технички слетувања во Аман, Ријад и Ахмедабад, а требало да слета во Дака.
Загинатите не се српски државјани.

– Овој авион ги имаше сите соодветни дозволи, се во согласност со меѓународните прописи, рече Стефановиќ и додаде дека не се точни тврдењата на некои медиумите дека на тој лет се транспортирало оружје од Србија во Украина, оценувајќи ги како злонамерни и неточни.

Авионот управуван од украинската авиокомпанија се урна синоќа во близина на градот Кавала во северна Грција, соопштија локалните власти. Локалните жители пријавиле дека виделе огнена топка и слушале експлозии два часа по несреќата, јави Екатимерини.

Грчките Управа за цивилна авијација соопшти дека авионот летал од Србија кон Јордан. Оператор на авионот Ан-12, со турбопроп мотор од советско производство, е украинскиот карго превозник „Меридијан”.

Грчките медиуми јавија дека во авионот имало осум лица и оти превезувал 12 тони „опасни материјали”, главно експлозиви.

Како мерка на претпазливост поради силна миризба што доаѓа од местото на несреќата, координативниот комитет составен од општински, полициски и службеници од противпожарната служба синоќа им порача на жителите на двете населени места најблиску до местото на несреќата да ги држат своите прозорци затворени цела ноќ, да не ги напуштаат своите домови и да носат маски. Властите велат дека не знаат дали имало опасни хемикалии во авионот.

Грчката управа за цивилно воздухопловство соопшти дека пилотот успеал да ги извести властите за проблем во еден од моторите на авионот и му бил даден избор да слета на аеродромите во Солун или во Кавала, а тој се одлучил за Кавала, која била поблиску, велејќи дека мора да изврши итно слетување.

Комуникацијата со авионот престанала речиси веднаш потоа. Авионот се урнал на околу 40 километри западно од аеродромот.

ЕРТ јави дека воени и експерти за експлозиви заминале кон локацијата, која се наоѓа на обработливо земјиште во близина на две села кои се дел од општината Пагајо. Ним ќе им се придружат и експерти од грчката Комисија за атомска енергија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот