Старите Римјани користеле измет како лек пред речиси 1.900 години
Археолози во стаклено шишенце старо околу 1.900 години откриле остатоци што претставуваат прв директен доказ за употреба на човечки измет во медицински цели во времето на Стариот Рим, пренесува „Лајв саенс“ (Live Science).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со хемиска анализа било утврдено дека изметот бил измешан со мајчина душица, најверојатно за да се прикрие мирисот, а ваквата мешавина можеби се користела за лекување воспаленија или инфекции.
Археологот Ченкер Атила од Универзитетот „Сивас Џумхуријет“ во Турција изјавил дека при работа во депоата на музеј во Бергамо забележал дека некои стаклени садови содржат необични остатоци.
Во студија објавена во списанието „Journal of Archaeological Science“, Атила и неговите колеги детално ја опишале анализата на содржината на едно мало стаклено шише, кое во антиката се користело за чување парфеми, масла или лекови.
Шишенцето било запечатено со глина и пронајдено во гробница во античкиот град Пергам, во денешна западна Турција.
Меѓу идентификуваните соединенија биле копростанол и етилкопростанол – супстанции што обично се наоѓаат во дигестивниот тракт на животни кои метаболизираат холестерол.
Истражувачите откриле и карвакрол – ароматично органско соединение присутно во етеричните масла од одредени растенија, како што е мајчината душица.
„Во примерокот идентификувавме човечки измет измешан со мајчина душица“, изјавил Атила, додавајќи дека тимот, кој добро ги познава античките медицински текстови, веднаш препознал дека станува збор за медицински препарат што го користел прочуениот римски лекар Гален.
Античкиот град Пергамон, каде што е пронајдено шишенцето, во римско време бил познат како важен медицински центар.


