Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Млади правници, стари финти и „неписмени новинари“

„Вие новинарите сте неписмени, поради вас државата е на ова дереџе“.

И вака знае да изгледа еден краток извадок од понижувањето што новинарите мора да го трпат кога некој гневен организатор на настан, портпарол или друг засегнат лик ќе им се јави поради нешто што објавиле, а не му се допаѓа. Обично, гневниот јавувач им истура бараж какофонични навреди вршејќи им притисок да ја тргнат спорната вест или статија.

Свеж пример за ваков инцидент се случи по настан за радикализацијата на младите во Македонија, од кој известував. На него говореа експерти од областа на безбедноста и други панелисти, кои зборуваа за борбата против екстремизмот во Македонија. Супер дискусија, важна тема.

Меѓу панелистите беше и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Елена Кузмановска, која ги објаснуваше „заложбите на МНР за светскиот мир, усогласеноста со ЕУ…“, имав впечаток дека слушам скрипта од некој што го мрзело да ја спреми. И така Кузмановска раскажуваше, со монотон глас… ми изгледаше како едвај да чека да заврши работа, па да продолжи со денот, кога протоколарно спомна и дека „МНР се заложува за правото на секоја земја на самоодбрана според принципите на меѓународното право“. Таа зборуваше за војната во Иран и за пошироките регионални опасности и ризици од радикализација поради таа војна. Кузмановска мислеше на нашето право да се браниме од Иран, ама не ѝ текна нешто важно.

Ја прашав дали со тоа што го вели, алудира дека МНР го оправдува и правото на Иран да се брани од американската агресија.

Фатена во небрано, таа почна да објаснува дека нејзината изјава не била „во тој контекст“ и дека „министерството во принцип ги поддржува сите правила што важат во меѓународното право, меѓутоа и правото на водење војни“.

Океј, малку срамота, сега зборуваме за меѓународното право, потоа релативизираме, но тоа е тоа. Сепак, со Американците сме, стратешките партнери — кои сме ние да им се правиме паметни?

Помина панелот, дојде кафе-паузата, една личност ми доаѓа и ми вели да не го објавувам тој дел оти „тоа не била темата“.

Се вратив на работа, пренесов вест од настанот, напишав извештај за целиот настан, кој, да повторам, сметам дека обработуваше важни теми, независно од бисерите на државниот секретар во МНР. Сепак, решив да напишам и една вест за изјавата на Кузмановска. Не сакам кога некој ми кажува што да објавам, а што не.

Во четвртокот ги објавив извештајот, но и веста, па набргу потоа добив телефонски повик од организаторката на настанот, која ме навредуваше и ми објасни дека ние новинарите сме „неписмени“ и дека „се занимаваме со дневнополитички теми, додека тие прават важни настани“. Со огромен пиетет говореше за гостите на нејзината организација и како јас, „неписмениот новинар“, сум го расипал сето тоа. Дури и се чинеше исплашена, во паника, којзнае зошто. Нема да пренесувам од збор до збор што разговаравме, делумно и зашто не се ни сеќавам за буквално да репродуцирам… за разлика од настанот, кој го снимив цел, па не може да се лаже за тоа што рекла Кузмановска.

Во груби црти, на организаторката ѝ посочив дека навредува новинар кој ја врши својата работа и побарав, доколку има забелешки, да испрати реакција, но ѝ напоменав и дека можам да покренам правна постапка за навреди. Таа ме потсети дека е правничка и ми рече дека „слободно можам да се обидам“. Посочив и дека имам снимка од настанот, откако се обиде да ме убеди дека Кузмановска не го рекла „баш тоа така“, дека сум ја извадил изјавата од контекст и сум ги „искривил“ нејзините зборови. Гневна, пред да исклучи, рече оти веќе нема да ме вика на нејзините настани.

Организаторката дури бараше од нас да ја избришеме веста, што, секако, не ни падна на ум да го направиме.

Кузмановска од МНР рече дека министерството го почитува правото на самоодбрана, но не и за Иран: „Го поддржуваме и правото на водење војни“

Овие притисоци и закани врз новинарите не се ништо ново. Тие често доаѓаат од организатори што не сакаат да си ја расипат „калимерата“ со гостите на кои им се умилкуваат, па затоа вината ја префрлаат врз новинарот. Зад таквите реакции ретко стојат вистината, правдољубивоста или јавниот интерес, а многу почесто станува збор за други интереси, суета и за обид за цензура. Тие ликови си го гледаат својот интерес.

Сеедно, какви и да им се поривите, гневот на крај го истураат врз новинарот кој, наводно, „им го расипал целиот настан“. Новинарот го претставуваат како плиток папарацо кој се крие во грмушка, спремен да ѝ скокне на жртвата со незгодно прашање, за да напише текст со бомбастичен наслов. Ние стануваме карикатури, а нашата професија непречено и неказнето ја обезвреднува кој ќе стигне. Но ете, ние, „неписмените новинари“ што излегуваме од грмушки, токму затоа сме тука — за да не потклекнуваме.

Новинарските прашања се нормална практика, на секој настан, без разлика дали се за темата на настанот или не. Оние што не се медиумски писмени, или се, ама глумат „настинати“, упорно одбиваат да прифатат една проста работа: новинарот може, треба и мора да поставува прашања од општествен интерес на секој настан на кој присуствуваат луѓе со политичка моќ. Тоа не е предмет на дискусија, уште помалку на дебата.

Нема да ви ќутиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот