Деца на 14 години стануваат екстремисти — со какви видови на радикализација се соочува Македонија?
Професорот на Факултетот за безбедност – Скопје, Марјан Ѓуровски, на панелот за радикализацијата во Македонија предупреди дека освен исламскиот екстремизам, кој не е за потценување според него, постојат и други облици, вклучително и православен екстремизам и проруски влијанија во Македонија. Како ризици ги посочи и македонските државјани кои се борат на страната на Русија, како и злоупотребата на навивачките групи од десни радикални структури.
И покрај безбедносните потреси што ги предизвикува војната во Иран и пошироко на Блискиот Исток, Македонија во моментов останува мирна и стабилна држава, со ниско ниво на загрозеност, но институциите мора будно да ги следат ризиците од радикализација, хибридни закани и можни безбедносни последици, порачаа учесниците на настанот „Градење инклузивни и отпорни заедници – од резултати кон одржливи политики“, организиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Проектот, реализиран во координација со Канцеларијата на националниот координатор, има за цел да ја зајакне отпорноста на заедниците кон насилен екстремизам, преку превенција, градење капацитети и преку поддршка на локално ниво.
Настанот беше поделен во два панела – едниот посветен на глобалните конфликти и безбедносните ризици поврзани со радикализацијата, хибридните закани и прашањето на повратниците, а другиот фокусиран на онлајн радикализацијата и предизвиците во дигиталната ера.
„Екстремизмот не е само религиозен“
Геополитичката аналитичарка Нела Јакшиќ оцени дека проектот покажал оти системот за превенција треба дополнително да се гради, бидејќи и натаму постојат појави што сигнализираат безбедносни ризици. Таа нагласи дека Македонија треба отворено да разговара за регионалните предизвици и се осврна на новите форми на радикализација, оценувајќи дека денес екстремизмот не може да се сведе само на религиозен контекст.
Експертот за безбедност и контратероризам, Бобан Стојановски, исто така, посочи дека во последните 15 години премногу се зборувало само за верскиот екстремизам, иако постојат и други екстремизми со различна идеолошка основа.
Марјан Ѓуровски, професор на Факултетот за безбедност – Скопје, оцени дека е потребна поголема соработка меѓу безбедносно-разузнавачките структури и националното координативно тело за борба против екстремизмот. Тој предупреди дека освен исламскиот екстремизам, кој не е за потценување според него, постојат и други облици, вклучително и православен екстремизам и проруски влијанија во Македонија. Како ризици ги посочи и македонските државјани кои се борат на страната на Русија, како и злоупотребата на навивачките групи од десни радикални структури.
Веса Кељменди, регионална советничка на Глобалниот фонд за отпорност на заедниците (ГЦЕРФ), нагласи дека формите на насилен екстремизам на Блискиот Исток постојано се менуваат и се прелеваат во различни облици, додека на Балканот, освен верски, постојат и политички екстремизми.
Таа посочи дека регионот веќе има искуство со такви појави, но и дека сè уште има „дупки“ во системот, поради што е неопходно да се вложува во толеранција, мир и работа со ранливи групи.
„Радикализацијата не доаѓа сама по себе“
Според Јакшиќ, манипулацијата со геополитичкиот дискурс, информацискиот хаос, ограничувањето на хуманитарната помош, економскиот притисок и енергетските кризи создаваат амбиент за нови форми на радикализација и продлабочување на општествениот револт.
Неколку аспекти на радикализацијата, смета таа, се директна последица на агресијата на посилните земји врз послабите.
Јакшиќ посочи дека денес радикализацијата сè почесто добива нови, посложени облици што не се сведуваат само на класичните безбедносни закани.
Според неа, првиот облик е манипулацијата со геополитичкиот дискурс, при што сите страни во конфликтите пласираат спротивставени информации, прогласуваат победи и создаваат хаос што води кон погрешни и неадекватни безбедносни одговори.
Вториот облик, како што нагласи, е целосното ограничување на хуманитарната помош во воени зони, што создава чувство на очај, гнев и фрустрација кај погоденото население и може да ги турне и недржавните, па и нетерористички групи кон порадикални дејствувања.
Геополитичката аналитичарка предупреди и дека економските притисоци, како што се царините и другите мерки што предизвикуваат криза и „економско понижување“, отвораат простор за домашен револт, раст на организираниот криминал и зајакнување на радикалниот екстремизам.
Како дополнителен ризик, Јакшиќ го издвои и намерното кратење на енергетските ресурси, особено на нафтата, со цел да се предизвика колапс на енергетските системи и да се ослабат државните институции, оценувајќи дека и таквите притисоци можат да станат поттик за нови радикални реакции.
Деца на 14 години се радикализираат
Проектната менаџерка во Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, ги презентираше резултатите од проектот за градење отпорни и инклузивни заедници, посочувајќи дека во него биле вклучени десет општини и локалните заедници, медиумите и образовниот систем. Таа информираше дека биле организирани работилници со верски лидери и со претставници на локалната самоуправа, како и процеси на ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и нивните семејства во соработка со Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Во рамки на проектот, како што кажа, имало 106 работилници со деца, девет мултиетнички кампови, 34 работилници со родители и наставници, осум обуки за новинари, три медиумски анализи и документарецот „Скршени синџири: враќање по ИСИС“.
Аранѓеловиќ предупреди дека нема доволна координација меѓу затворите и локалните мултисекторски тимови и дека е потребна посебна законска рамка за оваа област. Особено загрижувачка, според неа, е појавата на онлајн радикализација кај деца уште од 14-годишна возраст.
Поранешни терористи стануваат криминалци
Бобан Стојановски говореше за пропагандното делување на терористичките организации преку социјалните мрежи, за дополнителна радикализација на осуденици, како и за присуството на медиумски структури што ширеле пропаганда на Исламска држава во делови од регионот, вклучително и во Македонија.
Стојановски предупреди и на проблемот со рецидивизмот кај повратниците од странските боишта, посочувајќи дека тие понекогаш извршуваат и кривични дела што формално не се поврзани со тероризам, но сепак претставуваат ризик.
Елена Кузмановска, државна секретарка во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, зборуваше за хибридните и онлајн закани, улогата на медиумите и влијанието на вештачката интелигенција.
Таа истакна дека Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, мора да дејствува усогласено со европските политики и со меѓународното право.
„Најголемиот дел од радикализацијата е лице в лице“
Во дискусијата, Александар Карапетров, претставник на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, и Александар Грижев, професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, се осврнаа на онлајн радикализацијата, улогата на платформите и тешкотијата законски да се дефинира каде завршува слободата на комуникација, а каде почнува радикализацијата.
Грижев нагласи дека најголем дел од радикализацијата и натаму се случува лице в лице, иако честопати започнува онлајн, додека Карапетров оцени дека институциите ќе мора внимателно да утврдат што точно ќе опфати идната законска рамка.
Биљана Ристеска, претставничка на Националниот центар за побезбеден интернет при Министерството за дигитална трансформација, предупреди дека децата се најфрагилната категорија, а соговорниците отворија и прашање за улогата на училиштето и семејството, посочувајќи дека радикализацијата не завршува во училницата, туку често продолжува и во домот.
Пораката од панелот беше дека Македонија во моментов е стабилна, но дека превенцијата од насилен екстремизам бара постојана координација, нови механизми и поблиска соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор, образованието и медиумите.
„Македонија засега е стабилна“
Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам, Павле Трајанов, рече дека глобалните конфликти, особено војната во Иран, неминовно отвораат прашања и за безбедносната состојба во Македонија и регионот. Сепак, нагласи дека според актуелните проценки, земјава засега е стабилна.
„Клучно е внатрешната стабилност и единство, не е време партиите да печатат политички поени“, порача Трајанов, додавајќи дека војната директно се одразува врз енергетиката и економските текови, а со тоа посредно и врз Македонија.
Тој предупреди дека евентуална интервенција во Иран би можела повторно да ја отвори балканската рута за бегалци, но и да создаде ризик таа да биде злоупотребена од лица подготвени за насилни дејства. Во исто време, според него, службите засега не регистрираат опасност дека состојбите на Блискиот Исток ќе поттикнат радикализација во Македонија.


