Стара бандера и натаму „гордо“ стои среде велосипедска и пешачка патека на реновираната Ленинова
Шест месеци се реновираше улицата Ленинова во општина Центар годинава, се поставуваше атмосферска, водоводна и фекална канализација, подземно се спушти кабловската мрежа и како што тогаш се пофалија од Општината, отстранети биле старите дрвени бандери за да се ослободат тротоарите.
Препорачано
На улицата од двете страни се обележаа велосипедски патеки и се определија паркинзи за тамошните жители. Со тоа, како што нагласи градоначалникот Горан Герасимовски, улицата Ленинова која е една од главните артерии во општината стана налик на европските улици.
Но, фотографијата од терен, која ни ја испрати наш читател, говори нешто сосема друго. Стара дрвена бандера во форма на буквата А, од која едниот столб лежи на средина на тесната велосипедска патека, а другата на средина на пешачката, со еден куп жици од струја намотани околу неа и натаму си стои на улицата.
Можеби изведувачите ја заборавиле бандерата или ја оставиле да стои како споменик на едно минато време, кој знае. Но, така како што е поставена изгледа грдо, го оневозможува движењето на велосипедистите, а и ја урива сликата за Ленинова како европска улица.


