Стар страв, нова Алијанса
Европа нема да стане целосно автономна во одбраната, а американската заштита веројатно ќе продолжи да биде клучна бидејќи европските армии сè уште зависат од американски системи, технологија и од логистика.
Концептот „НАТО 3.0“, што генералниот секретар Марк Руте пред неколку дена го претстави како визија за „посилна Европа во посилен НАТО“, покажува дека Европа не настојува да се оддалечи од Америка, туку да воспостави нова рамнотежа во Алијансата и да се прикаже како порамноправен играч.
Препорачано
Руте смета дека Русија останува „најзначајната и директна закана“ за НАТО, пред сè поради војната против Украина, парадигма која не се променила значајно уште од Студената војна.
Што е „НАТО 3.0“?
Во суштина, „НАТО 3.0“ е политичка формула за новата фаза на Алијансата.
Првата фаза беше НАТО од Студената војна, изграден за одвраќање на Советскиот Сојуз. Втората беше НАТО по 1990-те, со проширување, мисии надвор од територијата на Алијансата и период во кој многу европски земји ги намалија воените капацитети. Третата фаза, според Руте, е НАТО што повторно се враќа на класичната задача — одбрана на територијата, одвраќање на Русија и масовно зголемување на военото производство.
Станува збор за циклус со иста динамика, непријателот е ист, пред сѐ бидејќи географијата и стратешките цели се исти. Клучната промена е во тоа што Европа треба да стане посериозен воен актер внатре во НАТО.
Европа не може толку лесно да се откачи од Америка
Во реалноста, планот на Руте е сложен за изведба, пред сè поради огромната воена супериорност на САД и децениски воспоставената динамика во која Вашингтон ја презема главната одговорност за заштитата на Европа.
Европа нема да стане целосно автономна во одбраната, а американската заштита веројатно ќе продолжи да биде клучна бидејќи европските армии сè уште зависат од американски системи, технологија и од логистика. САД имаат предност во сите области поврзани со модерната воена парадигма: разузнавање, сателитски надзор, противвоздушна одбрана, стратешки транспорт, полнење гориво во воздух, командни системи и нуклеарно одвраќање.
Идејата не е Европа да излезе од американскиот безбедносен чадор, туку да преземе поголем товар на грб. Станува збор за иницијатива што ја отсликува промената во европската безбедносна стратегија. САД остануваат главниот столб на нуклеарното и на конвенционалното одвраќање, но ЕУ-членките веќе не можат да се потпираат целосно на Америка за својата безбедност.
Оваа визија се надоврзува на новата цел за одбранбено трошење договорена на самитот во Хаг во 2025 година – членките до 2035 година да достигнат 5 отсто од БДП за одбрана и за безбедност. Формулата се состои од 3,5 проценти за основни воени потреби и 1,5 проценти за пошироки безбедносни инвестиции, како инфраструктура и сајбер заштита на државите.


