Српскиот министер за култура седнува на обвинителна клупа за случајот „Генералштаб“
Српскиот министер за култура, Никола Селаковиќ, како и уште тројца државни службеници денеска ќе седнат на обвинителна клупа поради случајот „Генералштаб“, објави „Нова“.
Препорачано
Селаковиќ е обвинет за сочинување документ со лажна содржина преку низа незаконски дејствија што им послужиле на властите да ја отстранат заштитата на зградата на Генералштабот, оштетена во бомбардирањето на НАТО, како културно богатство и да донесат lex specialis.
Директорите на Републичкиот и Градски завод за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ и Александар Ивановиќ, како и секретарката на Министерството за култура, Славица Јелача, се обвинети за злоупотреба на службена положба и фалсификување, при отстранување на заштитата на културните добра од комплексот „Генералштаб“.
Против Селаковиќ и тројцата обвинети е поднесен обвинителен предлог, а не обвинение, а адвокатот Иван Симиќ за „Нова“ објасни дека судењето ќе се одвива по скратена постапка, која е дизајнирана за да се забрза и поекономично да тече постапката.
Како што се тврди во обвинението, прекршувајќи ја постапката, тие ги заобиколиле експертите од Републичкиот завод и Секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура, и до владата испратиле лажен предлог за одлука за престанок на статусот на културно добро на зградата на Генералштабот, по што во српскиот парламент беше донесен посебен закон.
Со тоа на владата ѝ се овозможува да ја урне зградата и да изгради луксузен комплекс на таа површина, како што е предвидено со договорот потпишан од министерот за градежништво Горан Весиќ и компанијата на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, но таа компанија се откажа поради јавни протести во Србија.
Србија ќе го урива Генераштабот оштетен во НАТО бомбардирањето за да гради зетот на Трамп


