Српска ревија на македонскиот филм ќе се одржи во културниот центар „Пароброд“ во Белград

Плакат за тридневниот настан „Везилка“

Културниот центар „Пароброд“ во Белград ќе биде домаќин на првата „Српска ревија на македонскиот филм“, тридневен празник посветен на наградуваните филмови кои освоиле признанија на меѓународни фестивали и носат силен уметнички печат на препознатливите македонски режисери и сценаристи, музиката и културата на Македонија.

Станува збор за тридневен настан со наслов „Везилка“, што ќе биде исполнет со филмски проекции од врвни македонски автори, збогатени со музички и уметнички програми кои ќе бидат дел од ревијата посветена на македонскиот филм што ќе се одржи од 14 до 16 ноември во УК „Пароброд“ во Белград.

Ревијата на македонскиот филм ќе се одржи во три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент. Филмскиот дел вклучува: документарни, краткометражни и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Северна Македонија) и филмски журнали (во соработка со „Филмски новости“ на Србија). Посебен куриозитет се филмските журнали – досега необјавени архивски материјали од „Филмски новости“, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија.

Фестивалот ќе го отвори светски признатиот документарен филм „Медена земја“, а проекцијата ќе биде проследена со разговор со режисерката Тамара Котевска. По проекцијата ќе следува настап на Пијан Славеј.

Посебно место во програмата зазема и култниот филм „Дае“ на режисерот Столе Попов, првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен филм во 1980 година, како и краткометражните филмови „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој освои преку 19 награди и беше номиниран за „Златна палма“ на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на режисерот Игор Иванов Изи, кој доби „Златен леопард“ на филмскиот фестивал во Локарно.

Во филмскиот сегмент ќе бидат прикажани и филмовите „Тетовирање“ на Столе Попов и „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, како и кратките филмови „Човек со чудна навика…“ на Вардан Тозија, „Елена“ на Дина Дума и „Ливада“ на Митко Панов.

Во музичкиот дел на ревијата, покрај настапот на Пијан Славеј, ќе се претстави и Игор Василев Новоградска, композитор и музички иноватор, кој ќе го презентира својот репертоар. Новоградска е познат по својата соработка со Милчо Манчевски и со неговите електронски и амбиентални композиции кои освојуваат публика ширум светот.

Настанот е во организација на продуцентските куќи „Филмоскопија“ од Србија и „Нест Продукција“ од Северна Македонија. Директор на ревијата е Јорданчо Петковски („Филмоскопија“), а уметнички директор е режисерот Вардан Тозија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот