Средба Мецола – Мустафа по постигнатиот договор за прекин на огнот
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола денеска во Брисел се сретна со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа, по постигнатиот договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, кој треба да стапи на сила во недела, откако ќе биде одобрен од израелската влада.
Препорачано
„Добар разговор во Европскиот парламент со премиерот Мустафа. Благодарна сум за неговите изјави и убави зборови“, напиша Мецола на својот Икс профил.
Таа истакна дека приоритет на ЕП треба да биде да се обезбеди одржување на договорот за да се постигнат неговите цели, имено завршување на конфликтот, обезбедување помош и ослободување на заложниците.
„Ова мора да биде чекор кон долгорочна стабилност, мир, обнова и обновување на услугите“, рече Мецола.
По 15 месеци конфликт во Газа, Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, кој треба да стапи на сила во недела откако ќе биде одобрен од израелската влада.
Договорот вклучува првична шестнеделна фаза на прекин на огнот, како и постепено повлекување на израелските сили и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во замена за палестинските затвореници во Израел, пренесува Танјуг.


