Спасовски: Идентификацијата на нелегалните мигранти е клучен чекор

оливер спасовски
Оливер Спасовски Скопје/ Фото: Слободен Печат. /Драган Митрески

Министерот  за  внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, денеска учествуваше на сараевскиот миграциски дијалог на тема „Управување со миграција и одговор на Западен Балкан”, што се одржува во Сараево.

На конференцијата учествуваа министри за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, државите од Шенген зоната, партнерските земји од Западен Балкан, како и претставници на агенции и институции на ЕУ и САД,

Министерот Спасовски во своето обраќање, како што соопшти МВР, ја потенцираше потребата од покоординирана и сеопфатна соработка на оперативно ниво, со цел одржливо и успешно управување со миграцијата.

– Генерално, главните предизвици во областа на миграцијата за Република Северна Македонија останувааат исти како и пред појавата на пандемијата. Тоа се спречување на илегалната миграција во правец југ-север, но и на секундарните движења во правец север-југ, идентификација на мигрантите односно потврда на идентитетот утврден по личен исказ и според документите кои ги носат и ефикасно враќање во земјата на потекло или земјата од која оствариле влез во државата, рече Спасовски,

Голем број лица, за кои нашите служби може во моментот да немаат доволно информации, истакна Спасовски, претставуваат потенцијални безбедносни ризици и за ефикасно справување со ваквите ризици, мора да знаеме кој влегува на нашите територии.

– Оттука, идентификацијата на нелегалните мигранти е клучен чекор. Во овој контекст, од суштинска важност е воспоставувањето на систем за идентификување на нелегални мигранти во регионот, кое би помогнало во спречувањето и борбата против тероризмот и насилниот екстремизам во регионот, а особено во откривањето на поврзаноста на странските терористички борци и нелегалните миграции, како и за ефикасно спречување на радикализацијата на мигрантите кои транзитираат низ регионот, потенцира Спасовски.

Министерот Спасовски во обраќањето се осврна и на потребата од покоординирана и сеопфатна соработка на оперативно ниво или попрецизно, на потребата од заеднички пристап на сите засегнати држави, надлежните агенции на ЕУ и Европската комисија, со поддршка на релевантни меѓунарoдни организации во рамки на нивните надлежности. Тој подвлече дека заедничкиот пристап подразбира не само редовна размена на податоци и информации, туку и заедничка анализа на ризик, координирање на националните активности, но и реализација на заедничките оперативни активности.

– Во моментов, соработката и координацијата во споменатите области е на завидно ниво, особено ако се има предвид дека станува збор за соработка помеѓу земји членки на ЕУ и земји кои не се членки, на земји кои се дел од Шенген системот и овие кои не се, а има и такви кои се членки на ЕУ, но не и на Шенген системот, што доведува до одредени ограничувања од правен аспект и неможност за користење на сите расположиви механизми на ЕУ. Потребно е развивање на заеднички концепт и метода на работа кои ќе овозможат пред сѐ постојана свесност за ситуацијата, ефикасно справување со постоечката ситуација, но и брза реакција на непредвидени нагли влошувања на состојбите, додаде министерот Спасовски.

На маргините на конференцијата, според најавите од МВР, Спасовеки ќе оствари и билатерална средба со домаќинот на министерската конференција, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот