Спасено 17-годишно девојче од Крива Паланка, кое цел месец се бореше со ковид

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Седумнаесетгодишно девојче болно од ковид цел месец е хоспитализирано во ГОБ „8 Септември“. Директорот на клиниката д-р Христијан Костов вели дека пациентката пред триесетина дена била примена во многу лоша состојба, но во текот на болничкото лекување е стабилизирана и покрај тешката бронхопневмонија и ниската сатурација со која била примена.

– Пред еден месец е хоспитализирана 17-годишна девојка без никакви коморбидитети, која ја примивме со тешка пневмонија, но ја стабилизиравме – вели Костов.

Станува збор за пациентка од Крива Паланка, каде немаат услови за болнички третман, како и во други ковид-центри во градовите од внатрешноста.

Бројот на хоспитализации на пациенти со ковид-19 во наредниот период ќе се зголемува, со оглед на трендот на раст на процентот на позитивни случаи од тестирањата на коронавирусот, предвидуваат лекарите. Во Градската општа болница „8 Септември“ се наоѓаат најголем дел од болните, а на готовс се и посебни одделенија и модуларната болница, доколку дојде до наплив на пациенти на кои им е потребно болничко лекување.

Директорите на клиниките во Скопје со кои разговараше „Слободен печат“, состојбата со ковид-19 ја карактеризираат како ,,плато“.

– Во ГОБ „8 Септември“ моментно се хоспитализирани 70 пациенти со тешка клиничка слика, на најголем дел од нив им е потребна кислородна поддршка. Околу десетмина од нив се на респиратор. Дневно трошиме по еден тон кислород – вели директорот на ГОБ „8 Септември“, доктор Христијан Костов.

Околу 70 до 80 пациенти се прегледуваат во просек секој ден, но ако има константен наплив на пациенти со индикација за болнички третман на ковид-19, во болницата ќе имаат проблем да пружат квалитетна здравствена услуга.

– Две лекарки што беа искусни, заминаа на специјализација во Клиничкиот центар, со што загубивме двајца инфектолози – ни рече директорот Костов, укажувајќи и дека покрај инфектолози, дефицитарни се и со анестезиолози.

– Бројот на хоспитализации во наредниот период ќе се зголемува. Спремен е уште еден оддел со 30 кревети. Чекаме да видиме каква ќе биде состојбата – вели Костов.

И на Инфективната клиника во Скопје, според директорката д-р Милена Стевановиќ, состојбата е непроменета. Таму се хоспитализирани деведесетина пациенти. Модуларната болница не работи, но е подготвена доколку затреба, да се отвори.

Во ковид-центрите во внатрешноста, според директорите со кои разговаравме, нема зголемен број хоспитализации поради тоа што тешките пациенти се препраќаат во Скопје.

– Во континуитет имаме од 12 до 20 хоспитализирани пациенти. Нема наплив за хоспитализации, иако вршиме прегледи, од 10 до 70 на ден. Во Прилеп состојбата е стабилна. Инфективното одделение е празно, а имаме слободни кревети и во модуларната болница. Доколку се јави потреба, повторно ќе ги отвориме – вели директорката на прилепската болница Кети Смилеска.

Во Гостивар има само еден пациент кој е во болнички кревет. Главниот инфектолог во гостиварската болница, доктор Ратко Наумоски, за „Слободен печат“ вели дека очекува оваа состојба да се промени во наредниот период.

– Пред два дена имавме само еден пациент на одделението со средно тешка клиничка слика. Засега имаме намален број позитивни пациенти, но очекувам тој број да порасне. На одделението имаме 24 слободни кревети. Модуларната болница е затворена еден месец, ама спремни сме да ја отвориме ако затреба – вели д-р Наумоски.

Последната анализа на Институтот за јавно здравје бележи раст на бројот на нови случаи меѓу младите на возраст од 20 до 29 години. Активни се 7.275 лица, од кои најголем дел се од Скопје – 3.508, потоа Куманово – 424, Прилеп – 336, Битола – 358, Велес – 335 итн. Од почетокот на пандемијата од ковид-19 починаа 7.194 граѓани.

Видео на денот