СП 2022 | Тасевски: Бразил е меѓу фаворитите за титулата, но ваквите тимови се соочуваат со огромен притисок

2022/фото: EPA-EFE/LESZEK SZYMANSKI

Сите љубители на фудбалот со нетрпение чекаат да стартува Светското првенство во Катар кое ќе се одржи од 20 ноември до 18 декември 2022. Титулата ја брани репрезентацијата на Франција, а според обложувалниците и експертите најголеми шанси за трофејот му се даваат на Бразил.

Македонскиот фудбалски тренер Жикица Тасевски за „Слободен печат“ даде анализа околу претстојниот Мундијал и кои селекции според него би требало да бидат кандидати за тронот годинава.

– Еден фаворит е Англија. Земјата е предводена од Хари Кејн и дефинитивно оди на Светското првенство со намера да победи. Друг тим кој веќе пет пати бил светски шампион, но не успеал да ја врати титулата од 2002 година е Бразил. Според многумина Бразилците се први фаворити. И покрај тоа што не го освоија Купот на Јужна Америка, тие доминираа во квалификациите за Светското првенство и имаат големи шанси за победа со состав кој ги вклучува талентите на играчи како Нејмар и Тиаго Силва. Не се очекуваат потешкотии во нивната група, покраj тоа што и силната Србиjа е голема пречка – ни изјави Тасевски.

Англичаните ја имаат единствената светска титула од 1966 година, а Бразилците се моментно најтрофејни со пет титули освоени на светските шампионати во 1968, 1962, 1970, 1994 и 2002 година.

– Уште еден јужноамерикански шампион и фаворит за многумина е Аргентина. Со глобалната суперѕвезда Лионел Меси, тие имаат добри шанси да одат до крај. Противниците со кои ќе се соочат во групната фаза не се најлесните, со тоа што Полска и Мексико се силни страни, но тешко е да се доведе во прашање потенцијалот на Аргентина со оглед на нивните неодамнешни достигнувања – вели Тасевски.

Аргентинците имаат две титули на СП, во 1978 и 1986 година, оваа втората со легендарниот Диего Армандо Марадона.

– Актуелниот носител на титулата на Светското првенство е Франција. Нивната мотивација очигледно е да ја задржат титулата и да ја одбранат својата позиција, што досега се случило само трипати во историјата. Французите се во групата Д со Тунис, Австралија и Данска. Германија, која секогаш е фаворит и четири пати го освојуваше Светското првенство, ја чекаат потешки предизвици. Додека повеќето групи имаат само еден врвен тим, групата Е има два. Тоа значи дека, освен Костарика и Јапонија, Германија ќе мора да ги одмери силите и со Шпанија. Бидејќи и двете екипи веќе го освоија ова натпреварување, нивните амбиции се високи. Тимовите кои претходно го освоиле Светското првенство имаат тенденција да бидат фаворити, но исходот никогаш не е јасен додека не ги видиме натпреварите – истакнува Тасевски.

Французите освен пред четири години, беа светски шампиони и во 1998, а Германциите кои имаат четири светски трофеи, имаат шанса да се израмнат со Бразил на вечната листа.

– Историјата на Светските првенства не научи дека ништо не е невозможно и дека понекогаш најневеројатниот тим одеднаш добива голема шанса да напредува. Врвните тимови се добри, нема сомнение, но овие тимови се соочуваат со огромен притисок бидејќи резултатите се израмнети – а потценувањето на волјата и мотивацијата на помалите тимови може да значи крај на врвниот тим. Убавината на Светското првенство е во тоа што секој има шанса да победи и ништо не е невозможно – се зборовите на Тасевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот