Фото: Freepik

Совети од градинарот Цветко: Пролет – вистинско време да ја разубавите вашата тераса

Мој предлог е да не се купуваат едногодишни растенија, консумеризмот е скап спорт што кратко трае, замислете да си имате луковици на презимливи растениja на кои ќе им помогнете да се разбудат секоја пролет, а тие ќе ве наградат со нови растенија и со прекрасни цветови- советува Предраг.

Пролетта за многумина е најубавиот период од годината, време кога природата се буди, боите оживуваат, а воздухот се исполнува со свежина и мириси што нè потсетуваат на нови почетоци. Но, не секој има можност да ужива во двор или во градина. Токму затоа, уредувањето на терасата може да биде совршен начин да внесеме дел од таа пролетна магија во сопствениот дом.

Предраг Митрикески Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да ѝ се посвети на природата и на грижата за растенија.

Овој пат, тој советува како да внесете парче природа во вашиот дом и да ја уредите терасата со растенија што се декоративни, миризливи, па дури и јадливи.

– Многумина ми рекле дека пролетта им е омилен период од годината, сѐ расцутува, мириса убаво, природата нѐ наградува со бои и сонцето повторно ни се смее. Некои ја имаат честа да бидат близу до природа, да живеат во куќа со двор, но доста од нас сме во станови, па не ни е достапна пролетта баш така, при рака – вели Предраг.

Фото: Pexels

– Моето главно растение што секогаш го растам е рузмарин, има ползавец, има грмушка,
има повеќе видови и култивари. Тој е издржлив на север, југ, исток и запад, сака зима, сака сѐ што ќе му се пружи – открива тој.

Тој вели да го засадите во голема саксија, во земја со перлит, да го наводнувате кога земјата ќе биде сува и да го кастрите на почетокот на пролетта.

– Гответе со него, пијте го во чај, ставете го во ракија, користете го за раст на коса и што уште не! Секоја тераса заслужува по еден рузмарин – вели тој.

Фото: Pexels

Следното растение што Предраг предлага да го имате на вашата тераса е лаванда, која ја има во разни видови – локална, европска или шпанска. Тој вели дека лавандата се чува на ист начин како и рузмаринот.

– Се користи за смирување, може да си исушите гранче и да го врзете при креветот, пијте ја во чај, или едноставно уживајте во мирисот на вашата тераса – вели тој.

Тој открива дека многу сака цветови, посебно оние ранобудници, како на пример лале, кое почнува со ран цвет, и расположува уште на почетокот на пролетта, потоа си се враќа во својата луковица и чека до следна зима.

– Мој предлог е да не се купуваат едногодишни растенија, консумеризмот е скап спорт што кратко трае, замислете да си имате луковици на презимливи растениja на кои ќе им помогнете да се разбудат секоја пролет, а тие ќе ве наградат со нови растенија и со прекрасни цветови – советува тој.

Фото: Unsplash

Тој споделува уште неколку растенија во кои може да уживате на вашата тераса подолг период:
– Зумбул
– Перуника
– Лале
– Крокус
– Нарцис

За крај, тој советува: „Не ги корнете кокичињата за да ви стојат во вазна. Секој скинат цвет прави тоа кокиче да не се размножи, секоја година имаме помалку и помалку кокичиња поради ова. Сакајте ги со очи и вратете им се со восхит следната година!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот