Совети од градинарот „Цветко“: Клучни фактори за успешно одгледување на саксиски растенија
„Сакам растенија ама сите ми умираат“ е реченица која многу често била упатена кон мене – вели Предраг.
Грижата за саксиските растенија често изгледа како комплицирана мисија исполнета со правила, митови и „тајни рецепти“. Многумина веруваат дека постојат лесни и тешки растенија за одгледување или дека љубовта кон растението се мери во количина на вода. Но, вистината е многу поедноставна – успешното одгледување зависи од разбирањето на основните потреби на растението.
Препорачано
Предраг Митрикески Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетинг, тој секогаш наоѓа време да се посвети на природата и на грижата за растенија.
Во разговор со него откриваме кои се клучните фактори за успешно одгледување на саксиски растенија.
– „Сакам растенија ама сите ми умираат“ е реченица која многу често била упатена кон мене – вели Предраг.
Тој вели дека секојдневно се сретнува со различни митови, недоразбирања или погрешни информации од потенцијалните љубители на растителниот свет.
– Од тоа дека кактусот е најлесно растение за чување, до „секој ден му ставам вода не знам зошто се исуши“ – додава тој.

Но, смета дека нема лесно и тешко растение, туку растение што бара помалку или повеќе внимание.
– Ајде прво да видиме од каде ни доаѓаат растенијата што ги чуваме во домовите? Зошто баш тие сме ги одбрале како наши повеќегодишни „цимери“ или „миленичиња“? – вели тој.
Предраг објаснува дека голем дел од растенијата кои ги имаме во нашите домови доаѓаат од тропски шуми, каде има високи дрвја, што значи има сенка, некоја константна температура 15-30 степени Целзиусови и блага влага. Тој нагласува дека ова не е пример за сите растенија, но повеќето смета дека намерно сме ги собрале од вакви предели во светот затоа што лесно може да ја пресоздадеме таа околина во нашите домови.
– Не секој има јужен прозорец па може да овозможи растението да живее како во пустински услови. Па, затоа, во нашите простории без силна светлина, лесно живеат тропски растенија. Со децении тие селективно сме ги размножувале да се поиздржливи и соодветни за животот покрај нас – вели Предраг.

– Но, кога ќе видиме на интернет дека нашата монстера или филадендрон живеат во џунгла, одма сакаме да го пресоздадеме тоа – влажна земја, па ги прскаме со вода, па банани ставаме во земјата и што уште не. Тоа е погрешно – додава тој.
Тој вели дека овие растенија по пат на селекција се направени да одговараат на нашето темпо, и играат неколку главни фактори во успешното чување на нив.
Клучни фактори во успешното чување на саксиски растенија
Земја – која не е само ѓубриво/компост туку има соодветна аерација (перлит, кора од дрво или што било, што ќе овозможи размена на гасови во земјата).
Вода – ставаме кога има потреба, а не со календарски потсетник. Кога земјата е сува целосно, или кога првиот слој е сув во зависност од видот на растение, тогаш ставаме вода. Нема рецепт со датуми кога да наводнуваме, тоа зависи од температурата во домот, влагата на воздухот, светлина и сл. Сите овие фактори ја сушат земјата со различно темпо и мора да ги имаме предвид.
Светлина – која одговара на растението. Секое растенија има потреба од светлина, тие што „сакаат“ послаба светлина, не го „сакаат“ тоа, туку преживуваат со послаби ресурси, да речеме како да се на диета нон-стоп. Затоа, важно е да им овозможиме соодветна светлина според видот на растение.

Кратка листа за проверка за успешно да чуваме растение
1. Најниска светлина – да го гледа прозорот, но да не му доаѓа зрак директно.
2. Вода ставаме според тоа каква е земјата, а не зошто е „ден за вода“.
3. Земјата ја купуваме и е соодветна за видот на растението.
4. Читаме за растението или се консултираме со некој ентузијаст за совет.
– И не кактусот не е најлесно растение за чување, сака директно сонце, баш да го пече повеќе часа во денот, сака малку вода, но не ич, сака топло и ладно. Не земај кактус само зошто мислиш дека е лесен – вели Предраг.
– Комуницирај, пиши на луѓе за совет, прочитај, украси си го домот со „зелен пријател“ и дозволи си да уживаш во еден производ на милиони години еволуција – заклучува тој.


