Совети од градинарот „Цветко“: Чекор по чекор до здраво коренче
Кога ќе донесеш ново растение дома, треба да разбереш дека веќе поминало низ стрес. Транспорт, промена на температура, различна светлина, нередовно наводнување. Сето тоа му е шок – вели Предраг
Луѓето сѐ почесто внесуваат растенија во своите домови, па грижата за нив им станува дел од секојдневието. Но, иако намерата е најчесто добра, желбата да им се посвети премногу внимание може да доведе до спротивен ефект. Па, наместо да напредуваат, растенијата често страдаат токму поради претераната грижа.
Препорачано
Предраг Митрикески Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да им се посвети на природата и на грижата за растенија.
Со него разговараме како правилниот пристап, трпението и умереноста се клучни за здравиот раст и развој на вашите саксиски растенија.
– Зедов ново растение, ама тесно му е во саксијата. Ајде, веднаш ќе го пресадам. Не ми одговара саксијава, мора друга боја. Тука најчесто почнува проблемот – вели Предраг.

Тој смета дека растенијата не пропаѓаат затоа што не ги сакаме, туку затоа што ги сакаме премногу. Секој ден вода, постојано пресадување, прскање, вртење… Па, премногу грижа знае да направи повеќе штета отколку корист.
– Да, растенијата ја чувствуваат грижата. Ама уште повеќе им треба стабилност – вели тој.
– Кога ќе донесеш ново растение дома, треба да разбереш дека веќе поминало низ стрес. Транспорт, промена на температура, различна светлина, нередовно наводнување. Сето тоа му е шок – додава Предраг.
Затоа тој вели дека првото правило е растението да се остави на мир.

– Првите три до пет дена не го допирај. Нема вода, нема пресадување, нема ништо. Само нека се навикне на новиот простор, на воздухот, на светлината, на температурата – советува тој.
Предраг објаснува дека, ако видите паднати листови веднаш по внесувањето во вашиот дом, тоа не е аларм, туку само реакција на промената.
– Откако ќе се смири, прво се полева. Нека се напие и нека се вдоми. Потоа, се чека земјата целосно да се исуши пред какво било пресадување. Влажните корени се кршливи и чувствителни – вели тој.
Кога ќе дојде време за пресадување, тој предлага да не користите многу голема саксија. Таа треба да е максимум два до три прста поширока, од саксијата во која било растението.
– Поголема саксија не значи побрз раст. Значи повеќе вода што стои, а тоа води до гниење – вели Предраг.

Растението треба да го пресадите кога земјата е лоша и без структура, кога корените излегуваат од долу, кога саксијата ја губи формата, кога има мирис или проблем, или кога не е чепнато со години.
– Самото пресадување е едноставно ако не го комплицираш. Сува земја, малку поголема саксија, мал слој земја долу, растението внимателно се вади и се чисти од старата земја, се поставува и се пополнува околу коренот. Лесно се притиска за да нема празнини и на крај се полева убаво за да се стабилизира – објаснува Предраг.
– Најважното правило е едно. Со растенија, помалку е повеќе. Остави ги малку на мир. Тогаш најубаво растат – заклучува тој.


