Сотировски: Касами нема право да прогласува почесни граѓани, општинскиот совет е распуштен

Откако тетовскиот градоначалник Биљал Касами донесе одлука да го прогласи Рифат Јашари, братот на загинатиот водач на косовската ОВК, Адем Јашари, за почесен граѓанин, тоа го нарече „празник за Тетово“ и во градот по тој повод беа истакнати албански знамиња, реагира директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски.

Албански знамиња во Тетово по повод прогласувањето на Рифат Јашари за почесен граѓанин / Фото: Фејсбук

Сотировски, кој по професија е правник, аргументира дека Касами нема право да прогласува почесни граѓани во ситуација како актуелната, кога е распуштен општинскиот совет.

„Прогласувањето на човек за почесен граѓанин на некој град треба да биде ден за радост на сите негови жители, вистинско оддавање на почит за немерливите и трајни заслуги, да ја одразува неговата кохезивна компонента, особено во општества како нашето. Тоа не значи дека тој не може да произлегува и биде гордост на само една култура, туку дека мора да ужива почит и од сите други“, напиша Сотировски на Фејсбук.

Свечена седница во Општина Тетово за прогласување на Рифат Јашари за почесен граѓанин /Фото: МИА

„Општина Тетово барем досега не се води по овие критериуми и прогласува почесни граѓани не како одлика на највисока чест, туку како политички инструмент. Како правник, ги разгледав јавно достапната Одлука и законските одредби и утврдив дека градоначалникот нема законско право да донесе ваква Одлука, бидејќи истата ја донел согласно чл.77, ст.1, а во врска со чл. 36, ст.1, т.15 од Законот за локална самоуправа. Но, токму чл.77 изрично му го иззема од надлежност одлучувањето по чл.36 во услови кога Советот на Општината е распуштен“, вели тој.

Сотировски најави дека како граѓанин ќе поднесе предлог за почесен граѓанин да биде прогласен академик Тодор Скаловски, авторот на музиката за химната, „Денес над Македонија се раѓа“.

„Доколку општината тврди дека постапила основано, јас уште следната недела сум подготвен како граѓанин да доставам писмен предлог до градоначалникот за почесен граѓанин на Општина Тетово постхумно да го прогласи академик проф. д-р Тодор Скаловски-Тетоец, композиторот на македонската химна ,,Денес над Македонија”, основоположникот на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Македонското радио, првиот професионален хор, автор на голем број композиции, патриот и активен учесник во НОБ, со немерлив придонес за Македонија и Тетово, личност која ќе даде вистинска тежина на честа да се биде почесен граѓанин“, напиша Сотировски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот