Касами: Празник за Тетово – Рифат Јашари, братот на Адем Јашари од Косово стана почесен граѓанин

Свечена седница во Општина Тетово за прогласување на Рифат Јашари за почесен граѓанин /Фото: МИА

На свечена седница во салата на Општина Тетово, градоначалникот Билал Касами го прогласи за почесен граѓанин на Тетово Рифат Јашари, братот на Адем Јашари од Косово.

Градоначалникот Касами рече дека ова било по барање на голем број граѓани од Тетово од албанска етничка заедница поради нивните многу блиски врски со Косово.

– За нас како граѓани на Општина Тетово ова е значаен ден затоа што му оддаваме признание на еден член на едно семејство кое жртвуваше сé за ослободување на Косово од диктатурата на Слободан Милошевиќ. Поголемиот дел од граѓаните од албанска етничка припадност многу се поврзани со граѓаните од Косово и во периодот 1999 и во 2001 година ние како општинска власт ценевме дека треба да донесеме ваква одлука со која цениме дека придонесуваме во правец на промовирање на правата и слободите на сите граѓани во светот. Граѓаните од Тетово од албанска етничка припадност се почестени со овој настан, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Одлуката за доделување на почесен граѓанин на Тетово на Рифат Јашари ја донел градоначалникот Касами и, како што вели, тоа било во негова надлежност во овој период кога Советот на Општина Тетово е распуштен и наскоро се очекуваат нови избори.

-Ова е едена од надлежностите која преминува на мене како градоначалник од моментот кога се распушта Советот на Општината. Ова не е пропис кој е во сила на некоја уредба, ова е индивидуален акт кој според Законот за локална самоуправа преминува во надлежност на градоначалникот, појаснува Касами.

Одлуката за прогласување за почесен граѓанин на Тетово во име на семејството Јашари ја прими Љуљзим Јашари, внук на Рифат Јашари и син на Адем Јашари.

– За Тетово ова е празник кога се однесува за албанската етничка заедница и ценевме дека треба да биде истакнато само знамето на албанската заедница. Не е државен празник па согласно Законот да се истакне и државното знам, рече Касами.

На ваквата одлука на градоначалникот Касами со соопштение реагираа од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и побараа од надлежните доследно почитување на Законот за употреба на знамињата на заедниците во државата.

– Денес во Тетово, сведоци сме на сериозно непочитување и нарушување на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија. Бараме Владата на Република Македонија веднаш преку МВР да обезбеди доследно почитување и примена на Законот за употреба на знамињата на заедниците. Да обезбеди веднаш да се истакне и Знамето на Република Македонија, заедно со другите знамиња во согласност со закон”, се вели во соопштението од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот