Настанот ќе се одржи во КИЦ-Скопје

Со трибината „Остварувања и предизвици“, КИЦ „Спона“ успешно го завршува проектот „Паралели и синтези“

Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го завршува циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, во којшто во фокусот беа дела од осум современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.

Трибината со наслов „Остварувања и предизвици“ ќе се одржи на 11 декември, со почеток во 12 часот, во салонот „Империјал“ на Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ).

Модератор на трибината ќе биде Иван Антоновски, којшто ги модерираше и книжевните средби и работилници во рамките на проетот „Паралели и синтези“, а осврт на оствареното ќе даде и програмскиот директор на „Спона“, книжевникот Милутин Станчиќ.

Свое учество на настанот имаат најавено македонските автори: Венко Андоновски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Славе Ѓорѓо Димоски, Лилјана Пандева, Иван Џепароски и Фросина Пармаковска, како и новинарот Тони Димков, а свое учество како преведувач ќе земе и Сашо Огненовски.

Од Србија ќе учествуваат: Мирко Демиќ, Марица Гроздановиќ-Милошевиќ, Милутин Ѓуричковиќ и Јелена Макевиќ, лекторка по српски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

На трибината ќе се отворат повеќе прашања за присуството на македонската книжевност во Србија и на српската во Македонија, начинот и квалитетот на пласирање на изданијата, одгласите на критиката, достапноста до читателите и нивниот интерес, како и за предизвиците во времето пред нас.

Во рамките на настанот ќе бидат изложени и плакати од циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност во Република Србија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот