Фото: Н1

Со помилување криминалци, Вучиќ отвори врата за насилство врз студенти и граѓани, вели Академскиот пленум на Србија

Академскиот пленум на Србија остро го осуди насилството пред Правниот факултет во Белград, каде што животот на постар граѓанин беше загрозен за време на собир за оддавање 15-минутна почит за жртвите од падот на натстрешницата. На настанот беше натепан и студент, па Пленумот смета дека ова е политика во која, како што велат, сторителите се заштитени, жртвите се понижени, а институциите молчат, пренесува Н1.

„Одговорноста за оваа атмосфера лежи на име и презиме: Александар Вучиќ. Со помилувањата на претходните сторители, Вучиќ испрати јасна порака дека насилството врз студентите и граѓаните е прифатливо ако му служи на режимот“, стои во реакцијата на Академскиот пленум.

Според Пленумот, кога претседателот ја наградува неказнивоста, насилството повеќе не се случува случајно, туку, велат оттаму, тоа станува политички метод.

„Особено е срамно што сè се случува пред Правниот факултет, место каде што треба да се изучува правото, а не демонстративно да се гази пред него. Академскиот пленум бара итен одговор од надлежните органи, прекин на политичката заштита на сторителите и распишување предвремени парламентарни избори“, се вели во реакцијата.

Она што почна како мирен студентски собир пред Правниот факултет во Белград, вчера се претвори во драматичен ден во главниот град на Србија. Oткако пензионер беше прегазен со возило и притоа натепан млад човек, српските студенти повикаа на протест од 18 часот пред Радиотелевизија Србија (РТС), каде насобраниот народ извикуваше „Пумпај“.

Студентите преку писмо побараа од РТС да ја објави снимката од  нападот, кога возило влета во блокадата на собраните граѓани пред Правниот факултет.

ВИДЕО | Инциденти на протест во Белград: насилници влетале со кола во блокадата, натепале студент и прегазиле пензионер

„Возачот М.С. го заби својот автомобил во толпата, излезе од автомобилот и го удри нашиот колега. Студентите го повикаа да ја напушти раскрсницата, ослободувајќи го да оди во правец на Народното собрание, по што тој се врати со полна брзина, удирајќи го деведесетгодишниот пензионер Верољуб Шариќ, еден од нашите најстари другари. Верољуб е со нас на раскрсницата и на протестите секој ден од самиот почеток, и покрај неговата возраст, дожд и снег. Шариќ во таа прилика претрпе сериозни повреди и му беше потребна операција“, пишуваше во писмото на студентите.

Тие дополнија дека „полицијата, по настаните во Нови Сад на 18 април, не ги обезбедува нашите собири и дека инцидентите оттогаш станаа почести“.

Српското МВР, пак, повика на воздржаност од, како што рекоа, организирање и учество на непријавени јавни собири.

„За време на непријавен јавен собир, возач на автомобил удри и собори деведесетгодишен маж, при што учесници на непријавениот собир го скршија стаклото на автомобилот и го оштетија, како и уште еден автомобил на таа раскрсница, а на возачот му нанесоа повреди поради кои беше пренесен во Ургентниот центар. Министерството за внатрешни работи апелира и повикува на воздржаност од организирање и учество на непријавени јавни собири, бидејќи ваквите настани можат да доведат до непредвидливи и тешки последици по безбедноста на луѓето и имотот“, се наведува во соопштението на српското МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот