Со концертот „Данте“ Филхармонија ја заокружува концертната сезона

Комерцијален текст
Комерцијален текст

Овој четврток во 20 часот, со концертот насловен „Данте“, Филхармонија ја заокружува оваа концертна сезона. На последниот концерт во официјалниот дел од сезоната ќе бидат изведени дела од Фомин, Лист и Пачини, а солист е пијанистот Андреј Гугнин од Русија. Оркестарот ќе го води Габриел Бебешелеа, шеф диригент на Филхармонија.

Јевстигениј Фомин (1761-1800) е руски композитор со украинско потекло. Пред да ја напише операта „Орфеј“, овој композитор имал неколку неуспешни обиди за креирање музичко -сценско дела кои критиката не ги оценила позитивно. Фомин создал свој „Орфеј“ – го обоил со индивидуален авторски сензибилтет и емоционално го детерминирал познатиот митолошки мит.|

Создал музичко-сценско дело кое кореспондира со духот на времето во кое е создадено, со личен авторски печат.

Исто како Леополд Моцарт, и Адам Лист му бил менаџер и агент на својот син Франц за време на неговите турнее како дете – гениј. Неговата ненадејна смрт во 1827 година се одразила катастрофално на 15-годишниот композитор. Историчарите сметаат дека овој настан во неговиот живот целосно ја фокусирал неговата артистична опсесија кон смртта. Токму такво е и неговото имагинативно ремек дело за пијано и оркестар – „Танц на смртта“.

Џовани Пачини (1796-1867) е италијански оперски композитор познат по своите богати мелодиски дела кои биле софистицирано напишани за најголемите пејачи во 19 век. На почетокот од својата композиторка кариера пишувал воглавно мелодични и романтични дела, а подоцна со создавањето на операта „Сафо“ промовирал поинаков стил, подрамски и со релативно помалку „мелодија“.

Освен оперските дела, пишувал и гудачки квартети, а едно од најпознатите неговите дела е и програмската симфонија „Данте“ која ја напишал во 1864 година, неколку години пред неговата смрт.

Рускиот пијанист Андреј Гугнин е исклучителен уметник и виртуозен изведувач кој поседува разновидна и префинета техника која и служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година, ја доби наградата на магазинот на „Би-Би-Си“ за најдобра изведба на Шостакович за неговата изведба на неговите 24 прелудиуми и Сонатите за пијано бр.1 и 2. Откако ја добива првата наградата на престижниот натпревар во Сиднеј во 2016 година, Гугнин постојано концертира на светските сцени со најдобрите оркестари и диригенти.

Настапувал како солист со Лондоскиот филхармониски оркестар, со Марински симфониски оркестар, со Холандскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на исклучителни диригенти како маестро Валери Гергиев, Јап Ван Зведен, Даниел Рајскин, Станислав Кочановски, Ашер Фиш… Соработувал и со повеќе камерни ансамбли.

Снимил повеќе музички изданија со соло и симфониски дела. Неговото це-де со изведба на „Трансцеденталните етиди“ од Лист беа издвоени во „Грамофон“, а Гугнин беше потенциран како пијанист чие време допрва доаѓа.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.

Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг Симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија.

Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк.

Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.

Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот