Концерт „Кадифено“ / Фотографија: Стефан Рајхл

Со концертот „Кадифено“ вокалистката Зарина Првасевда ја поврза традицијата со современиот музички израз

Новогодишниот концерт на вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов „Кадифено“, се одржа на 20 декември. Во преполната сала на Филхармонија беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.

Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколкуминутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.

– Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција, кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.

„Кадифено“ беше концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност. На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонски виртуоз на виолина, како и младата контрабасистка, Андреа Мирческа.

– Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена. Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт – изјави Зарина Првасевда.

Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет. Концертниот циклус на Зарина ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање нов албум, како и нов концертен проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот