Со денови доцнела наредбата за приведување и со денови патувала до полицијата – како избегал осудениот за „Дурмо турс“?
Низа пропусти кај судијата за извршување на санкции, членовите на Кривичниот совет во Гостиварскиот суд, пропусти во курирската служба на полициската станица во Гостивар, како и спорни медицински одлагања констатираше вонредниот надзор во судот за бегството на Ремзи Мифтари, кој наместо да ја издржува затворската казна од 10 години за трагедијата во Ласкарци, избега од државава одложувајќи ја затворската казна со образложение дека се прави операција на тестиси.
Препорачано
Судскиот совет со девет гласа „за“ и два против на членовите Исамедин Лимани и Ханиф Зендели го усвои извештајот во кој комисијата констатира дека судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти по предметот и предлага да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.
Советот исто така изгласа заклучок извештајот на комисијата да биде доставен до МВР за затајување на курирската служба на ПС Гостивар, како и да се извести во поглед на постапувањето на лекарите.
Судијката Џенета Бектовиќ, која заедно со судиите Аритон Ала и Данка Ристова, изврши увид во предметот на ОС Гостивар, информира дека комисијата утврдила оти од страна на судијата за извршување на санкции, Тихо Михајловски, е издаден упатен акт на 14 мај 2025 година за извршување казна затвор на осудениот Ремзи Мифтари во КПУ „Идризово – Затвор Скопје“, на казна затвор во траење од десет години за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по пресуда на Апелацискиот суд Скопје од 17 април 2025 година.
Комисијата утврдила дека всушност со денови не се издавала наредба за приведување и откако била издадена, со денови патувала до полициската станица.
– Комисијата смета дека се направени пропусти како од страна на судијата за извршување санкции така и од страна на членовите на Кривичниот совет, и тоа конкретно по однос на постапувањето на судијата за извршување санкции, кој, откога го примил известувањето од КПУ „Идризово“ на 11 јуни 2025 година, издал наредба за присилно спроведување на 19 јуни 2025. Законскиот рок е 24 часа од приемот на известувањето, а судијата ја издава наредбата по осум дена.Тука е пречекорен законскиот рок. Исто така, наредбата ПС Гостивар ја прима на 24 јуни 2025 година. Судијата за извршување санкции имал обврска веднаш по примањето на известувањето да издаде наредба за присилно спроведување и истиот ден по електронски пат да ја извести ПС Гостивар. Тука исто така се пробиени роковите и од доставната служба ако имало пропусти, но и од судијата за извршување санкции за вакви предмети – изјави Бектовиќ.
Поради ваквите прописти, комисијата, како што посочи Бектовиќ, смета дека и судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти и треба да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.
Издадената наредба за присилно спроведување од 19 јуни 2025 година од судијата за извршување санкции не е навремено доставена до ПС Гостивар, односно е доставена по пет дена од нејзиното изготвување, а нема доказ зошто тоа се случило. Сметаат дека затаила доставната служба во ОС Гостивар, а и за таков итен предмет наредбата за спровод требало да биде доставена до ПС Гостивар и по електронска пошта.
– Сметам дека тука и судијата за извршување санкции направил пропусти што толерирал толку долг период да не реагира, да провери зошто наредбата за спроведување не стигнала навреме до СВР Гостивар. Мислам дека тоа е и негов пропуст – изјави Бектовиќ.
Комисијата исто така смета дека во однос на одбиената трета молба за одлагање од судијата за извршување санкции по поднесена жалба од осудениот, Кривичниот совет го преиначил решението и го одложил почетокот на извршување на санкцијата казна затвор за два месеца.
– Комисијата констатира дека нема доказ, отпусно писмо дека Ремзи Мифтари од 1 август 2025 до 1 октомври 2025 година воопшто бил на болничко лекување. Кривичниот совет го донел решението за одлагање на 1 август 2025 и осудениот требало да се јави во КПУ „Идризово“ на 1 октомври 2025, но видно од отпусните писма осудениот бил на лекување од 25 јуни до 15 јули 2025 и од 3 до 7 октомври 2025 година и од 17 до 29 октомври 2025. Од ова произлегува дека осудениот не бил на болничко лекување во периодот од 15 јули 2025 до 2 октомври 2025, туку во овој период му се вршени само медицински испитувања. На овој начин дошло до неоправдано одложување на почетокот на извршување на казната затвор и осуетување на постапката со бегство на осудениот – изјави Бектовиќ.
Во согласност со Законот за извршување на санкциите, постапката за упатување на осудените лица на извршување казна затвор е итна и затворската установа е должна веднаш, а најдоцна во рок од три дена, да го извести судијата доколку осуденото лице не се јави, а кој е должен најдоцна во рок од 24 часа од приемот на известувањето да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице
Случајот се најде во фокусот на јавноста откога Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој е осуден на 10 години затвор, го одлагаше издржувањето на затворската казна поради операција на кила на тестиси по што не се појави во „Идризово“ за издржување на казната и по него кон крајот на минатата година беше распишана потерница.
Во јануари 2023 година Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи обвинетите за виновни и изрече вкупно 39 години затворски казни. Во мај 2025 Апелацискиот суд Скопје им ги зголеми затворските казни. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, од четири на 10 години, одговорниот за транспорт, Ремзи Мифтари, од шест на 10 години, а двајцата вработени во техничкиот преглед – Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски – од пет на седум години. Казната на возачот Маноил Трифуновски остана 14 години, а на третиот вработен во техничкиот преглед, Јане Боваровски, остана пет години.


