Босанските планинари Алма и Денис Окановиќ со мачката Мацика на нашиот Титов Врв (2.747 м.) во август 2024 г. / фото: Фејсбук / Трио фантастико

Со босанските планинари загинати на Елбрус е најдена и мачката Мацика, нивната верна сопатничка

Мачката Мацика, која со години со своите сопственици Алма и Денис Окановиќ одела на планинарски експедиции, била пронајдена заедно со нив на Елбрус по несреќата во која на највисокиот планински врв во Русија и во Европа (5.642 м.) загинаа петмина планинари од Босна и Херцеговина, јави „Херцеговина инфо“.

За сите што ги познавале Алма и Денис, Мацика не била само домашен миленик, туку рамноправен член на семејството и постојан придружник во нивните авантури.

Нивната приказна почнала пред неколку години, кога вдомиле мало маче што брзо станало нивен неразделен сопатник. Наместо да живее меѓу четири ѕида, Мацика со нив ги истражувала планините и шумите и освојувала врвови повисоки од 3.000 метри. Заедно минале низ бројни планински предели во БиХ, регионот и Европа.

Фото: Фејсбук / Трио фантастико

На фотографиите што ги објавувале на социјалните мрежи Мацика често била во преден план – на рамениците на сопствениците, во планинарскиот ранец или покрај нив на освоените врвови. Токму затоа нивната фејсбук-страница „Трио Фантастико“ ја следеле илјадници луѓе.

Таму, профилната фотографија со Алма, Денис и Мацика е од нашиот втор највисок планински врв, Титов Врв, од 2024 година:

Босанските планинари Алма и Денис Окановиќ со мачката Мацика на нашиот Титов Врв (2.747 м.) во август 2024 г. / фото: Фејсбук / Трио фантастико

Последните фотографии, објавени пред трагедијата, ја прикажуваат Мацика за време на аклиматизацијата на Елбрус. Според достапните информации, спасувачките екипи ја пронашле во ранецот заедно со нејзините сопственици. До последниот миг останала покрај луѓето што ѝ дале дом и живот исполнет со патувања и планинарски авантури.

ВИДЕО | Трагедија во Русија, петмина Босанци загинаа: „Заминавте како што се запознавте, на планинските врвови“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот