Не дочека да се израдува на нешто важно — тажна приказна за Гоце Тодоровски
Едно нешто остана недовршено во животот на легендарниот Гоце Тодоровски, а неговиот колега Владо Дојчиновски сподели лична приказна поврзана со него.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Смртта на доајенот на македонското глумиште Гоце Тодоровски предизвика голема тага кај неговите колеги и пријатели, кои со емотивни пораки се простуваат од актерот што со децении ја одбележуваше македонската театарска и телевизиска сцена.
Меѓу нив е и актерот Владо Дојчиновски, кој откри дека со Тодоровски непрекинато соработувале дваесет години. Во емотивната објава, тој се потсети на нивната прва заедничка работа, но и на последната, која, како што вели, Гоце не успеал да ја види.
„Бог да те прости Гоце, ѕвездо, пријате, учителе, колега. Точно пред 20 години ја снимивме првата приказна заедно. Тогаш ме прифативте во екипата како секогаш да сум бил дел од вас. До тогаш ми беше само сон, ѕвезда која ја обожавав, а од тогаш станавме и колеги и пријатели. Во овие 20 години ниту една година не направивме пауза. Секоја година создававме нешто ново. Оваа година ја снимивме последната приказна, не успеа да ја видиш. Остана со желбата, кога до последно ми се јавуваше: ‘Ајде кога ќе продолжиме да снимаме’, ‘Јас и ти мора да направиме дуодрама’, остана ненаправена… Нека ти е светол патот во царството Небесно, легендо! Ти си ѕвездата на македонскиот народ и со тоа што ни го остави, вечно ќе сјаеш над македонскиот народ!“, напиша Дојчиновски.
Гоце Тодоровски беше еден од најзначајните македонски актери, чија кариера траеше повеќе од пет децении. Роден во Скопје, дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности и целиот свој професионален век го посвети на Македонскиот народен театар, каде создаде бројни антологиски улоги.
Покрај театарската сцена, Тодоровски беше омилен и кај телевизиската публика. Генерации гледачи го паметат по неговите впечатливи ликови во „Македонски народни приказни“, како и во бројни серии, филмови и хумористични проекти во кои неговата актерска харизма, комичен талент и препознатлив начин на игра оставија неизбришлив белег.
Гоце Тодоровски со искрена исповед: Не можам да го прежалам заминувањето на Ванчо Петрушевски


