Фото: EPA/CRAIG HUDSON / POOL

Снобовски хумор во Белата куќа, кралот Чарлс го пецна Трамп: Да не бевме ние, вие ќе зборувавте француски

Кралот Чарлс се пошегува дека државната вечера во Белата куќа била „значително подобрување во однос на Бостонската чајанка“, кога колонистите фрлиле товари оданочен британски чај во морето во 1773 година.

Кралот Чарлс Трети се пошегува со американскиот претседател Доналд Трамп на државната вечера во Белата куќа вчера, кога рече дека без Британците, Американците би зборувале француски, објави „Франс 24“.

Додека двајцата разменуваа шеги за време на здравиците на вечерата, Чарлс се осврна на претходните коментари на Трамп насочени кон европските сојузници кои тој ги обвинува дека ја користат одбраната на туѓа сметка од Втората светска војна наваму.

– Неодамна коментиравте, господине претседателе, дека да не беа САД, европските земји ќе зборуваа германски. Би се осмелил да кажам дека, да не бевме ние, вие ќе зборувавте француски – се пошегува Чарлс.

Кралот зборуваше за местата со британско и француско потекло во Северна Америка, каде што ривалските колонијални сили се бореле за контрола на континентот пред независноста на САД пред 250 години.

На самитот во Давос во јануари, Трамп рече дека без помошта на САД во Втората светска војна, „Европејците ќе зборуваа германски и малку јапонски“.

Но, шеговитата забелешка на кралот го одрази топлиот тон додека тој и Трамп се зближуваа поради „посебниот однос“ помеѓу Лондон и Вашингтон, и покрај тензиите околу војната во Иран.

САД се „понижени“ од Иран, вели Мерц и предупредува дека конфликтот нема да заврши наскоро

Чарлс се пошегува и за „преуредувањата“ на Источното крило

Тој продолжи со шегите на сметка на Трамп, велејќи дека не можел да не ги забележи „преуредувањата“ на Источното крило на Белата куќа, кое поранешниот магнат за недвижнини го урна за да изгради џиновска сала за танц вредна 400 милиони долари.

– Жал ми е што морам да кажам дека ние Британците, секако, имавме свој обид за преуредување на недвижноста на Белата куќа во 1814 година – рече тој, мислејќи на времето кога британските војници ја запалиле зградата.

Чарлс се пошегува и дека вечерата била „значително подобрување во однос на Бостонската чајанка“, кога колонистите фрлиле товари оданочен британски чај во морето во 1773 година.

Трамп, голем обожавател на британското кралско семејство, чија мајка потекнува од Шкотска, го зачува поголемиот дел од својот хумор за домашните мети.

„Тој ги натера демократите да станат“

Американскиот претседател му честиташе на Чарлс „за фантастичниот говор што го одржа денес во Конгресот“.

– Тој ги натера демократите да станат – јас никогаш не сум успеал да го направам тоа – рече Трамп.

Во меѓувреме, кралот дојде со подарок, што е дел од британската офанзива на шармот насочена кон Трамп откако тој го критикуваше премиерот Кир Стармер поради неговото одбивање да помогне против Иран.

Чарлс му го подари на претседателот ѕвоното од британската подморница ХМС Трамп, која била пуштена во вода во 1944 година за време на Втората светска војна.

„Нека стои како сведоштво за заедничката историја и блескавата иднина на нашите нации. И ако некогаш ви притребаме, па, само ѕвоннете ни“, рече кралот проследен со аплауз.

Трамп ја нападна Данска: Без нас, денес сите ќе зборувавте германски и јапонски, вие сте неблагодарни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот