Орешани/ фото: Википедија/Слободен печат

Смрзнувачка во Орешани, со часови немаат струја среде зима – ЕВН негира

На само 25 километри од Скопје, во Орешани, во 21 век на секои три дена снемува струја, се жалат жители на селото. Тие се обратија до редакцијата на „Слободен печат“ за да побараат помош, бидејќи како што велат, повиците до ЕВН понекогаш им завршуваат неславно, односно вработените оператори понекогаш знаат да им се обратат дрско, како тие да се виновни што дома немаат струја среде зима.

Млада мајка на две мали деца, од кои едното е бебе, за „Слободен печат“, вели дека кога снемува струја во нивниот дом се чуди каде да се засолнат, па постојано бара чаре, кај нејзините, кај роднини, пријатели …

– Оваа состојба го прави животот многу потежок, особено во овие студени зимски денови. Имам две мали деца, и немаме каде да ги носиме кога дома не е топло и не работат апаратите. Се принудувам да одам по гости кај блиски и роднини, бидејќи дома се грееме само на струја, немаме друг извор за загревање, ниту можеме да подготвиме храна за семејството кога нема струја.  – вели Г.К.

Друг жител потврдува дека се соочуваат со редовни рестрикции, а кога побарале да им ја намалат сметката за струја, не добиле потврден одговор.

-Многу често остануваме без струја, а кога ќе ја снема, нема цел ден – од сабајле до вечер. Во текот на денот знае и 5-6 пати да вклучува и исклучува мрежата, што може да ги оштети или да ги расипе сите домашни апарати и електрични уреди. Побаравме сметката да биде коригирана, односно да платиме помалку со оглед на тоа што не ја добиваме соодветно услогата з акоја што редовно си ги подмируваме сметките, но не наидовме на разбирање од надлежните – вели С. К.

На мештаните не им е јасно како по толку долго време и по бројните нивни поплаки надлежните не нашле решение на проблемот во 21 век.

– Овој проблем со нестабилна електрична енергија трае веќе 2 години, и секој пат од ЕВН добиваме објаснување дека е проблем со далеководот, но досега нема трајно решение. Состојбата не е само мој личен проблем има доста семејства со мали деца и постари лица кои не можат нормално да функционираат без континуирана електрична енергија по цел ден. Бареме итно и трајно решение од надлежните институции за стабилно снабдување со електрична енергија, за да не се изложуваат дополнително на опасности и оштетување на имот, особено во периоди на ниски температури – изјави С. Д.

Од Електродистрибуција, пак, негираат дека има чести прекини на електричната енергија во овој крај. Велат дека во следниот период ќе се реконструира дистрибутивната мрежа, без да дадат објаснување кога ќе им биде решен овој голем проблем на жителите на селото Орешани.

– Во скопското село Орешани не се евидентирани зачестени прекини во снабдувањето со електрична енергија предизвикани од дефекти. Дефектот кој настана на 17.01.2026 (сабота) беше успешно саниран од екипите на Електродистрибуција, по што снабдувањето со електрична енергија е целосно стабилизирано. Во претстојниот период ќе се реализираат планирани активности за реконструкција на дистрибутивната мрежа, насочени кон подобрување на стабилноста на снабдувањето со електрична енергија – пишува во соопштението на ЕВН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот