Службените известувања од државата ќе се доставуваат дигитално преку е-Сандаче
Во рамки на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, денеска беа претставени две нови дигитални алатки кои ќе ја забрзаат комуникацијата меѓу државата и граѓаните: е-Сандаче и дигитални терминали за услуги. Во пракса, е-Сандачето ќе функционира како лично дигитално сандаче за секој граѓанин, преку кое државните институции ќе доставуваат службени документи и известувања. Наместо хартиени писма, повици по пошта или обиколување шалтери, граѓаните ќе ги добиваат решенијата, потврдите и другите официјални акти директно на својот дигитален профил.
Препорачано
Секое испратено известување ќе има точен датум и време на достава, со автоматски доказ дека документот е примeн, што му дава целосна правна важност. На тој начин се елиминираат недоразбирањата околу тоа дали некој документ е навреме доставен, а постапките стануваат појасни и поефикасни и за граѓаните и за институциите.
Е-Сандачето нема да биде класична електронска пошта, туку затворен и безбеден систем, заштитен со силна дигитална идентификација и енкрипција, усогласен со европските eIDAS стандарди. Пристапот ќе биде возможен преку националниот портал за електронски услуги, каде што граѓаните на едно место ќе ја следат целата своја комуникација со државата.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на денешната конференција, „Трансформирање на иднината. Дигитална стратегија за современо општество“. Андоновски ја истакна суштината на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, нејзината логика и конкретната имплементација, нагласувајќи дека таа е темелена на четири столба усогласени со Европската дигитална декада.
-Стратегијата ги поврзува инфраструктурата, луѓето, институциите и економијата во еден кохерентен систем – рече Андоновски, додавајќи дека целта е ефикасна, достапна и европска дигитална држава.
Првиот столб се однесува на современа ИКТ инфраструктура и поврзливост, која е предуслов за еднаков пристап и економски развој. Во фокусот се висококвалитетната широкопојасна мрежа, 5G поврзаноста и затворањето на јазот меѓу урбаните и руралните средини. Вториот столб се луѓето, бидејќи дигиталната трансформација нема смисла ако граѓаните не можат, не знаат или не се чувствуваат безбедно да ги користат дигиталните услуги.
-Дигитално писмен граѓанин е посилен граѓанин, нагласи министерот, додавајќи дека ова е инвестиција во човечки капитал и отпорност кон сајбер ризици, дезинформации и злоупотреби.
Третиот столб е е-управувањето и дигиталните јавни услуги, кои треба да обезбедат поефикасна, потранспарентна и помалку бирократска администрација.
-Тука дигитализацијата не е техничка мерка, туку алатка за подобро владеење – истакна Андоновски.
Четвртиот столб се однесува на бизнисите, иновациите и новите технологии како двигател на конкурентноста и продуктивноста, со јасна амбиција да се вгради вештачката интелигенција и податоците во економскиот развој, да се зголеми дигиталната зрелост на компаниите и да се поддржат стартапите и иновациите.
Андоновски најави два клучни проекти кои ќе ја забрзаат дигиталната трансформација. Првиот е е-Сандаче, централизирана платформа за безбедна и правно валидна комуникација меѓу државата и граѓаните, достапна преку националниот портал uslugi.gov.mk. Преку е-Сандачето, граѓаните ќе можат да примаат службени документи, известувања, решенија и потврди директно во својот дигитален профил, со доказ за прием и целосна правна сигурност.
-Ова не е обична електронска пошта, туку систем заснован на европските eIDAS стандарди, со силна идентификација и енкрипција – истакна министерот.
Вториот проект се Терминалите за услуги, дигитални киосци кои ќе бидат поставени на фреквентни локации низ државата и достапни 24/7. Преку нив, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да пристапат до порталот за електронски услуги, да вршат плаќања и да добиваат документи веднаш на самото место.
-Дигиталната трансформација не е апстрактна реформа, туку практично подобрување на секојдневниот однос меѓу државата и граѓаните – порача Андоновски, нагласувајќи дека со СМАРТ/МК 2030 државата поставува јасна визија за модерно, транспарентно и европско управување.


