Случај Онкологија: Вештаците од Словенија денеска ќе сведочат во судница
Медицинското вештачење за случајот Онкологија кое го изработија вештаци од Словенија по налог на Обвинителството, денеска ќе биде презентирано во Основниот кривичен суд. Обвинет за несовесно лекување болни е ексдиректорот на Клиниката доктор Никола Васев заедно со уште двајца онколози, докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
Препорачано
Постапката почна против уште еден онколог Мери Пешевска, но потоа истата се раздвои. Пешевска доби условна осуда од 2 години, откако призна дека на шалтер ги оставала на располагање на други своите факсимил и лозинка за влез во компјутерскиот систем, за побрзо во нејзино име да се препишува терапија на пациенти. Таа рече дека тоа го правела не за да оствари корист или за да се случи несовесно лекување – туку за пациентите побрзо да се прегледуваат и да не чекаат за да ја примат терапијата.
Вештачењето се очекува да биде презентирано во текот на повеќе рочишта закажани за оваа недела од кое првото е денеска.
Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.


