Случај Геријатрија: Адвокатката Небије Заимовска ќе го тужи колегата Скендер Мехмети за клевета, ако не ѝ се извини јавно
Адвокатката Небије Заимовска, којашто е пријавителка на случајот за кој тече судска постапка каде обвинети се ексдиректорот на Геријатрија Мухсин Арифи и неговиот пријател Блерим Амити за кривично дело примање поткуп, по објавениот текст од вчерашното судење во „Слободен печат“ до редакцијата испрати реакција која ја пренесуваме во целост:
Препорачано
Во недостиг на контрафакти и аргументи, одбраната на адвокатот Скендер Мехмети на вчерашното судење беше втемелена на неточни, невистинити кажувања, клевети и навреди кон мене како пријавителка на случајот, што претставува неетичко и крајно непрофесионално однесување, а со цел да ги оправда парите земени од клиентот. Адвокатот наместо да се фокусира на професионална и конкретна одбрана, кога веќе се нафатил да застапува во кривичен предмет каде има „корпус деликти“, во превод фатен на дело, избра да се занимава со „прекажувања“ и нула професионализам. За јавноста појаснувам дека семејството на пациентката ме замоли да ја преземам грижата за неа и како поткрепа сите ми потпишаа изјави на нотар. Тие изјави беа приложени од самиот старт пред сите надлежни органи од моја страна, стои во дописот до редакцијата.
Заимовска додава дека ако Мехмети не ѝ се извини јавно и преку медиумите, ќе се соочи со граѓанска тужба за клевета и навреда.


