Судење поткуп за место во геријатрија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Мухсин Арифи, обвинет дека зел 20 илјади евра мито на Геријатрија, се сомнева дека го пријавиле за „да се спасат од пациентката“ – Обвинителството го прекори за „невидена алчност“

Окончува судењето во кое ексдиректорот на Клиниката Геријатрија, Мухсин Арифи и неговиот пријател Блерим Амити се обвинети за примање мито од 20 илјади евра за да ѝ дадат кревет во болницата на неподвижна пациентка.

Обвинителството ги товари Арифи и Амити дека заеднички се обиделе да ги изнудат овие пари од старателката на пациентката која мака мачела да ја смести пациентката на болничко лекување, затоа што здравствената состојба ѝ се влошувала.

Во завршните зборови што денеска во судница ги дадоа обвинителката Искра Хаџи Василева и адвокатот на обвинетите Скендер Мехмети  барањата кон судот беа дијаметрално спротивни. ОЈО ГОКК бара осудителна пресуда, а адвокатот Мехмети ослободителна пресуда за своите клиенти како и ексдиректорот Арифи да излезе од притвор каде што ги помина изминатите 9 месеци.

Мухсин Арифи, поранешен директор на Геријатрија, судење за примање поткуп / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Мухсин Арифи во завршниот збор ја обвини пријавителката на случајот, дека „соработувала со луѓе што сакале да го тргнат од позицијата директор“,  дека за пријавителката „постоел сомнеж дека намерно ја влошила ситуацијата на пациентката со предозирање со дијазепам само за да се всели во нејзиниот стан“ и рече дека тој отишол во кафулето не за да земе мито, туку за да ја „разоткрие“.

Тој побара од министерот за здравство Азир Алиу да испрати вонреден инспекциски надзор во Геријатрија, за да се утврди како што рече – „како пациентка на 42 години со несоодветна дијагноза е примена во таа јавно-здравствена установа“, каде според него не ѝ било местото, а тоа „го потврдиле и докторки од болницата“. Повтори дека во неговиот мандат во болницата се примени над 100 пациенти и сите биле пациенти над 65 години.

-Во ниеден момент ниту сум барал, ниту сум примил пари за да примам пациент во институцијата што ја водев, на Геријатрија. Што се случи: Пријавителката која не е во никаква роднинска врска со пациентката, ниту пак старател, на несвојствен начин, упорно и непринципиелно навалуваше кај мене, кај Блерим и кај кој уште не, за пациентката, која има 42 години да се смести на Геријатрија. Овде е јасно кој нудел пари, а не биле прифатени и со која цел, но мудро за да се амнестира, таа пријавува фиктивно барање поткуп. Ме пријавува мене, кој уште од првиот момент имав сомнеж за неа, дека манипулира за да ја постигне својата лукративна цел, а тоа е да се стекне со нејзиниот стан – рече Арифи во завршниот збор.

Според него, семејството на пациентката покренало кривична пријава против старателката, за лажно претставување, злоупотреба и незаконско вселување во станот и повика „да се провери како за толку брзо време ѝ се влошила драстично ситуацијата на пациентката“.

-Поради манипулација на институциите во притвор сум 9 месеци за пари што не сум ги побарал и не сум ги зел. Од друга страна, млада девојка е во Геријатрија каде што не ѝ е местото. А пријавителката престојува во нејзиниот стан, за кој месец дена пред да ја смести потпишала договор дека треба да се грижи за неа. Замислете која е таа генијалност и умешност. Таа пред овој суд изјави дека ја предозирала пациентката со дијазепам, што е уште еден сериозен сомнеж дека за период од еден месец откако почна да се грижи за пациентката, намерно ѝ ја влошила состојбата со несоодветна терапија за болеста, за што побрзо да се спаси од неа и да ја постигне целта. Моите средби беа на јавни места, каде секој може да не види не за да барам нешто, туку да ја разоткријам неа и нејзините монструозни намери. Ги молам сите да размислат трезвено по моите зборови, а Обвинителството да го проучи случајот повторно и да постапи поопширно – рече Арифи во завршниот збор. 

Обвинителката Искра Хаџи Василева посочи дека кај директорот Арифи „превладувале отежнителните околности – дрскост поради незавидната  состојба на пациентот“ и побара осудителна пресуда.

-Корупцијата е глобална закана, а кај нас е одамна идентификувана како закана за безбедноста и стабилноста. По изведувањето на доказите, на судот единствено му останува како заклучок тоа дека обвинетите се виновни за кривичните дела за кои се обвинети. Благодарение на храброста и одлучноста на една жена, сведокот Н.З., ги имаме фактите, бидејќи таа соочена со барањето за поткуп одлучува да го пријави овој криминал. Таа издржа дел од обидите за притисок и влијание, кои речиси секогаш се вршат врз пријавителите. Низ прегледот на доказите судот без двојба ќе утврди дека Арифи како директор на Геријатрија директно побарал поткуп од Н.З. за да ја прими пациентката, а Блерим посредувал и го примил поткупот за директорот, рече обвинителката од ОЈО ГОКК Хаџи Василева.

Обвинителка Искра Хаџи Василева / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според обвинителката, од доказите и од сведочењето на пријавителката на случајот произлегува дека таа соочена со тешката здравствена состојба на пациентката, се обратила во болницата и оставила документи.

-Оттаму почнува криминалот чија вулгарност и пропорција ги опиша таа и не беа побиени од одбраната, па дури ни со исказите на обвинетите. На сведокот му кажале дека приемот оди преку директорот, а тоа во судница го кажа и докторката Лидија Ветерова, дека директорот секое утро ја добива листата на чекање за прием во Геријатрија и заедно со раководителите одлучува кој ќе биде примен тој ден. Додека таа се обидувала да стапи во контакт со директорот, имала секојдневни предизвици за нејзината нега. Но, добила понуда да ѝ помогне Блерим, пријател на директорот. Го знаела зашто порано му била адвокат. На 19 март се сретнале во кафулето „Дејли“. Таа била затечена и шокирана кога Мухсин дошол подготвен со податоци што има пациентката и споменувајќи 100 илјади евра. Обвинетиот Мухсин Арифи влегол во преговори предлагајќи да се продаде станот за да се дојде до парите. На следните средби конечно е договорена сумата од 20 илјади евра што ја барал Мухсин, но неговата дрскост оди дотаму што оваа сума од поткупот ја навел како гаранција додека не се добие имотот што пациентката го поседувала бидејќи бил убеден дека има два стана. Бескрупулозноста на барањата може да се увиди од директната комуникација што ја слушнавме од ПИМ на видео и аудио – истакна обвинителката во завршниот збор.

Таа додаде дека од посебните истражни мерки произлегувало дека на 3 април, обвинетиот Блерим се жалел дека е во небрано меѓу старателката и директорот, зашто „директорот бил во катастар и ако пациентката има два стана, едниот да му го препише нему“. Начинот на кој разговарале обвинетите, рече Хаџи Василева е „најдиректниот доказ за коруптивните практики на обвинетите кои користеле лични податоци на пациентката од Катастар“.

-Ова е невидена алчност на првообвинетиот, за да добие поткуп за дејствие што морал да го изврши. Н.З. му кажува дека пациентката има само еден стан, а Блерим ѝ одговорил „ако има два стана, едниот нека го пише, а ако не – една нула на 2.000, тие се условите“, рече обвинителката во завршниот збор.

Блерим Амити / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Обвинителката го повика судот да размислува за како што рече, моралната анатомија на ексдиректорот кој бил службено лице.

-Упорни во криминалните дејствија, директорот проверувал дали има уште еден стан. Блерим му вели „што те интересира што има“, а пријавителката прашува „кој му ги дава овие информации“. По ова почнува мачна дискусија дека ако има стан, парите ќе се вратат, а нему ќе му следи станот. На 8 април е примен поткупот. Блерим е затечен и лишен од слобода и тоа е видеодокументирано. За феноменологијата на криминалните дејствија говори и разговорот меѓу пријавителката и Блерим, кој ѝ вели да одат во менувачница да ги сменат парите. Ова е детаљ што ја слика вештината на обвинетите и искуството – рече Хаџи Василева.

Адвокатот на обвинетите Скендер Мехмети во завршниот збор истакна дека до судот доставиле документ во кој две докторки од Геријатрија напишале забелешка „да не се прима пациентката“ поради конкретна здравствена состојба поврзана со менталното здравје.

-Како директорот да постапи кога докторки побарале да не се прима пациентот? Во документот „процедура за примање на пациент на болничко лекување на Геријатрија“, никаде не се споменува директорот дека има каква било улога за прием на болничко лекување, па како тој би можел да изврши нешто? Мухсин е во притвор повеќе од 9 месеци а Обвинителството не го поткрепи наративот, ѝ поверуваа на пријавителката без да проверат и докажат. Ако го погледнете обвинението, пишува дека директорот примил поткуп, а Блерим примил пари за него, а е обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“. Ова е контрадикторно и комично. Како примил пари за него, па и за да му влијае нему? Со ниеден доказ од видео и аудио не е докажано кривичното дело против Мухсин и Блерим. На видеото Мухсин не побарал ни примил пари. Средбата од 4 април е со намера Мухсин да обелодени дека намерата на пријавителката е лукративна да се разјаснат околностите за нудењето 2 илјади евра од нејзина страна, која имотни листови нарачувала од Блерим, дека документите за сопственост со договор за доживотна издршка му ги презентирала на директорот на првата средба. Бидејќи до ден денеска нема доказ дека таа е старател на пациентката, директорот како одговорен чинител во системот ја упатил до социјалните служби зашто за социјални случаи трошокот за сместување го покриваат институциите согласно закон, рече адвокатот Мехмети. 

Според него обвинителството не презентирало вештачење дека пациентката требало да биде примена на Геријатрија.

-Банкнотите на видеото се на земја, а ниеднаш не е прикажано дека Блерим ги допрел парите. Не видовме Блерим да држи пари. Дали знаел Блерим дека во ковертот имало пари, остана недокажано. Барањето од негова страна да се оди до менувачница е со цел, бидејќи не знаел што има во ковертот, сакал да се оддалечи од местото. Факт е дека Мухсин Арифи е во притвор недокажано дека побарал или примил пари. Пациентката е во Геријатрија на 42 години со епилепсија. Н.З. живее во нејзиниот стан. Договорот за доживотна издршка е од 17 февруари за таа да се грижи за пациентката, а по неполн месец таа е сместена во Геријатрија. До 17 февруари била подвижна, зашто отишла на нотар и потпишала договор за доживотна издршка. После месец дена, млада девојка од 42 години завршува на Геријатрија. Да го прочитате исказот какви лекарства примала и зошто – додаде адвокатот и побара обвинетите да се ослободат.

Пресудата ќе биде изречена на 21 јануари во 9 часот и 30 минути во скопскиот кривичен суд.

Судење по обвинение за поткуп на Геријатрија/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот