Слободен влез во СРЦ „Кале“, Македонија атакува на победа против Словачка
Денеска македонската сениорска репрезентација ќе го игра вториот натпревар од втората фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година. Нов ривал е Словачка, мечот ќе започне од 19.00 часот во СРЦ „Кале“ – Скопје, а влезот е слободен за сите љубители на кошарката и спортот.
Препорачано
После тесната, но важна победа на избраниците на селекторот Александар Јончевски во првото коло на гостувањето кај Данска во Нествед, следната цел е триумф против Словаците кои на стартот загубија убедливо дома од Норвешка со 67:87.
Бојан Крстевски е еден од најстандардните играчи во нашата сениорска селекција во изминатиот период. Тој е дел е од тимот и во овој августовски циклус и вели дека случувањата во Нествед мора да се остават зад себе и фокусот на она што следува.
– Заслужено победивме во Данска, беше еден тежок меч, на крај можеби заврши и среќно за нас со тој шут, но победивме сосема заслужено. Мора да го заборавиме тој меч, затоа што доколку не го добиеме овој со Словачка, таа победа против Данците нема ништо да ни значи. На терен мора сите да бидеме фокусирани и мотивирани, за да ја оствариме нашата цел – вели Крстевски.
Играме против добро познат противник што носи доста полесна подготовка за овие 40 минути.
„Словаците ни се добро познати затоа што со нив игравме двапати лани, можам да кажам дека горе-долу се во ист состав. Сите работи остануваат на нас – се зборовите на репрезентативното крило.
Селекторот Јончевски за денешниот дуел во составот ќе го има плејмејкерот Бобан Стајиќ. Играчот на Пелистер поради мала болка во пределот на адукторот не беше во Нествед. Искусниот бек доаѓа на местото на младиот Димитар Пандев кој беше дебитант во А-тимот.


