„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ВО ЊУЈОРК: Големото јаболко дише во знакот на „Pride” (ГАЛЕРИЈА)

Фото: Слободен печат

Њујорк, градот што не спие, деновиве живее во знакот на ЛГБТ заедницата. Уште од 1 јуни започна т.н Pride што ќе трае до 30 јуни кога со свој настап ќе го затвори поп дивата Мадона.

Овој настан е само дополнителен повод, вообичаено големиот број туристи во јуни да биде уште поголем. Можеби затоа се веат знамињата во боите на виножитото на повеќе објекти, а дури и излозите се уредени со модели и колорит препознатлив за геј-популацијата. На билбордите се промовира изложбата на фотографии на контроверзниот Роберт Мејплторп во музејот Гугенхајм, со која се величи голото машко тело.

Врвулицата од туристи, се разбира, си брка работа, секој според својот вкус. Добро организираните домаќини се трудат да ги нема „змиите” од редици пред њујоршките знаменитости.

Ништо не му пречи на Големото јаболко да функционира совршено во организираниот хаос. Иако сообраќајната култура не е ни блиску до европската, барем што се однесува до Менхетн, јадрото на градот, сепак не се чувствува нервоза кај никого.

Времето не ги послужи намерниците, но дури ни дождот не ја колеба масата луѓе да го окупира Тајмс сквер, музеите, парковите, рестораните… За жал, славната МоМА, или Музејот на модерната уметност, е затворена до 21 октомври заради подготовка за нови содржини. Но, доволна е само една прошетка по Бродвеј за да се најде „утеха”.

Од сите страни се нападнати сетилата со претстави, кино-проекции, свирки по клубовите, па дури и улични забавувачи. И се разбира, се е прескапо. И цените како да се формирани за да предизвикаат стравопочит. Како и облакодерите од кои одекнува моќ. Во потрага по парче синило само се крева погледот угоре, меѓу зданијата што се вишат до облаците. Но, тие дури вчера му дадоа шанса на сонцето да се пробие и да го обои Централ парк во живописни пејзажи.

На Њујорк тешко му се вели збогум. Можеби само довидување.

 

Фото и текст: Милорад Стојмановски

[foogallery id=”41029″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот