Сликарот на сончевиот ден: Ѓорѓи Ачески – Аче

Четириесет години по неговото заминување, се сеќаваме на сликарот Ѓорѓи Ачески – Аче. Во неговите цртежи се сочувани повеќето стари градби, кои денес не можеме да ги видиме, а насликал над три илјади цртежи.
Роден е во Прилеп во 1914 година. Уште како млад почнал со сликање, иако немал соодветно ликовно образование. Сè што постигнал во сликарството, го постигнал како самоук, а неговите успеси се должеле наљубовта кон сликарството, вербата во себе и големиот талентот кој несомнено го поседувал.
Неговата заинтересираност кон цртежот најмногу се должела на Љуба Ивановиќ, кого го нарекувале и „кралот на моливот“, и важел за еден од најпознатите мајстори на графика во поранешна Југославија. Неговите цртежи најмногу придонеле за Ачески тематски да се определи за старата архитектура. Мотивите ги наоѓал во градските периферии и селските населби низ целата тогашна Југославија. Од нив се инспирирал, ги откривал нивните тајни, ставајќи се во улога на истражувач.
Денес, повеќето стари градби се сочувани само во неговите цртежи, а насликал над три илјади цртежи. Всушност, не водел евиденција за нивниот број, бидејќи сликал речиси секој сончев ден.
[foogallery id=”118315″]
Неговата прва изложба во јавност била во 1938 година. Реализирал над 15 самостојни изложби, а изложувал и на бројни заеднички изложби.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградите „3ти Ноември“ и „11 Октомври“.
Ќе остане запаметена неговата изјава: „Можно е да сум постигнал многу, а можно е да не сум стасал никаде, но сигурен сум дека не можев да бидам подруг, освен тоа што сум“.
Почина во 1979 година.