Скопските топлани во април со гас пак ќе ги снабдува Макпетрол, дал за 10 центи поевтина понуда од бугарската „Балкан јутилитис“

Makpetrol Макпетрол
Макпетрол

Државната компанија ЕСМ Продажба соопшти дека донела одлука за избор на набавувач на природен гас за април за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Природниот гас за април ќе се набави по фиксна цена од 53,60е/MWh, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол, велат од компанијата.

„Балкан јутилитис“ го имаше договорот за набавка на гас за овие потреби изминатава зима, а изборот на бугарската фирма предизвика револт кај Макпетрол, кој тврдеше дека дал пониска цена, а од јануари и целосно одби да увезува гас во земјава, жалејќи се на недоследности во владините прописи околу увозот на гасот и нивното спроведување.

ЕСМ продажба денеска соопшти дека Макпетрол ќе ги снабдува скопските топлани и другите клиенти кои се снабдуваат преку неа, откако на тендерот понудил цена за само 10 евроценти пониска од понудата на бугарската компанија.

„На јавниот повик кој беше објавен на 20 март 2023 г. и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, се побаруваше испорака на 500 MWh до 1800 MWh количини гас дневно. На повикот пристигнаа две понуди.

Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните:
1. Макпетрол АД – Скопје понуди крајна фиксна цена од 53,60 е/MWh
2. Balkan Utilities од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 53,70 е/MWh

Со оглед на тоа што најниска фиксна цена понуди фирмата Макпетрол, донесена е одлука за избор на Макпетрол за добавувач на природен гас за април.
Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Република Северна Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија“, велат од ЕСМ продажба.

„Овде сакаме да потенцираме дека ЕСМ Продажба и во овој четврти по ред јавен повик ги задржа истите услови и како носител на набавката за природен гас за месец април, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаа обезбедено гаранција и претходните добавувачи за изминатите месеци. На крај, за нас како државни институции е професионално задоволство сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда“, додаваат од државната компанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот