Фото: Викимедиа/МETOKAPA

Скопската „куќа на духовите“: Легендите за прекрасната зелена вила во Црниче и вистината за неа

Денеска е петок 13-ти, датум кој во традицијата одамна се поврзува со несреќи, проклетства и мистерија. Во многу култури овој ден носи чувство на страв и претпазливост, а со него често се врзуваат и разни застрашувачки приказни.

Секој град има своја легенда за проколната куќа, а архитектурата што отстапува од вообичаеното, особено готскиот стил, лесно станува „платно“ за вакви проекции.

И Скопје ја имаше својата „куќа на духовите“. На улицата Востаничка во населбата Црниче некогаш се наоѓаше необична зелена вила која со децении ја будеше љубопитноста на скопјани. Изградена во 1921 година, оваа куќа се издвојувала по својот архитектонски изглед, нетипичен за македонскиот простор. Куќата имала приземје, спрат и поткровје, со три исти седумаголни соби, секоја со по 24 квадратни метри. Од нејзините прозорци се простирал еден од најубавите погледи на Скопје.

Со текот на годините, необичниот изглед почнал да раѓа приказни. Се ширеле легенди за наводни клетви, за семејства погодени од несреќа, па дури и за чудни звуци што наводно се слушале во ноќните часови. Така зелената куќа постепено го добила епитетот „проколната“, а таа репутација ја следела со децении.

Фото: Викимедиа/МETOKAPA

Tокму таа мистична атмосфера ја направи куќата привлечна за уметници и режисери. Јордан Давидовски, како поранешен сопственик на куќата, своевремено откри на социјалните мрежи дека семејството добило понуда зелената вила да биде локација за снимање на „Македонска крвава свадба“, а постоел и предлог таа да биде претворена во католичка црква. Ниту една од тие идеи, сепак, не била реализирана.

Куќата, сепак, остана забележана на екран. Во 2008 година во неа беше снимен видеоспотот за песната „Најдобра“ на пејачката Дани Димитровска, во режија на Благоја Неделковски.

Димитровска за „Слободен печат“ се присети на снимањето во оваа необична вила.

„Куќата беше грандиозна, барокна, мистична. Како од филмска сцена. Кога пристигнавме на сет и почнавме со подготовки за снимање на видео за песната ‘Најдобра’, сите влеговме со посебна заинтересираност и љубопитност да го видиме секој ќош, да ја почувствуваме вибрацијата и да валидизираме долгогодишни муабети. Знаевме дека ќе ја срушат куќата еден ден, па бевме некако преќутно горди дека ќе овековечиме едно вакво култно здание во музичко видео. Имавме зезанции на сметка на духовите дека и тие се со нас, дека колку повеќе сме, толку подобро, дека среќа што не јадат бидејќи броена ни е храната. Снимањето си помина по сите прописи, одлично. Песната и видеото беа тотално очекувано успешни“, ни раскажа пејачката.

Но, можеби најсилното сведоштво за вистинскиот живот во куќата доаѓа од Донка Долгоска, пензионирана новинарка на Македонската радио-телевизија, која како студентка живеела таму речиси четири години, од есента 1972 до крајот на 1976 година. Нејзиното сведоштво за „Слободен печат“ ја руши мистичната приказна што со години кружеше за куќата.

„Пред почетокот на втората академска година, заедно со цимерката решивме да заминеме од станот во населба Буњаковец, веднаш до познатата кафеана, каде што поради џагор и музика не можевме да учиме. Сосема случајно дојдовме во близина на црквата Св. Петка, и одејќи нагоре по уличките, се искачивме на главната улица во Црниче, Востаничка. Одевме нагоре и гледавме се поубави куќи, па мојата цимерка ми рече да се откажеме, зашто најверојатно собите ќе бидат скапи.

Тогаш ја здогледав убавата зелена вила, изградена од десната страна на Востаничка, мислам беше број 108, на малку подигнато место над тротоарот. И реков на цимерката дека сакам тука да живеам, на што таа се изнасмеа и рече дека сопственици на ваков замок не издаваат соби. За среќа, сопствениците ни кажаа дека е слободна собата на поткровјето и тоа по поевтина цена одошто во другите населби.

Сопственици на куќата во тој период беа Јелица и Мисајло Давидовски и нивните синови Милош со семејството и Јордан, кој тогаш беше ерген. Куќата беше врв на архитектура со мешани стилови.

Газдите ни кажаа дека замокот го купиле шеесет и некоја година од човек на кого му била вила среде лозје.

Тетка Јелица постојано везеше гоблени, па меѓу многуте, ја имаше навезано и ‘Тајната вечера’, која наместо икона беше закачена на еден од ѕидовите на седмоаголната соба. Кога доаѓаше празник, на кој се викаше поп, обредот се вршеше пред тој гоблен, а тетка Јелица секогаш нè покануваше и нас.

За сите години од нашето живеење во куќата, не забележавме буквално ништо страшно, ниту необично што би му дало за право некому да и измисли епитет ‘куќа на стравот’ или ‘замокот на духовите’. Напротив. Во неа владееше мир, хармонија и почит на сите што живеевме таму.

Газдите умреа од старост, ние не видовме никакви духови, не слушнавме никакви чудни звуци. По смртта на старите сопственици, синот Јордан замина во Србија, а неговите внуци ја продале куќата на некој доктор. Тој сакал да ја реновира, но се разболел, па ја продал на друг човек, за кој знам само дека сосема ја запоставил. Па така куќата почнала едноставно да се рони, да пропаѓа. Постепено станала дувло на зависници и бескуќници. Наместо тоа, остана само измислената приказна дека куќата била проколната. А да имав доволно пари, верувајте дека сега ќе разговаравте со мене како сопственик на реновираната вила“, раскажа Долгоска за нашиот медиум.

Куќата беше срушена во 2012 година и со неа исчезна едно од најубавите архитектонски богатства на Скопје, без обид да се заштити како културно наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот