ФОТО | Скопје доби настан што учи на прифаќање, не ја пропуштајте изложбата на младата Стефани Стојановска
Во Галерија „Рудиќ“ во Скопје е поставена самостојната изложба „Низ објективот на Стефи“ од младата авторка Стефани Стојановска, нејзина прва изложба во галериски простор.
Препорачано
Стефани е девојка со посебни потреби која континуирано се развива во областа на фотографијата. Таа има завршено два курса по фотографија, како и Академија за фотографија, каде го изградила својот автентичен визуелен израз.
Изложбата е целосно поддржана од Здружението на фотографи „Елема“ и Галеријата „Рудиќ“, додека фотографиите се испечатени со поддршка од компанија која сакала да остане анонимна. Иницијативата започнала откако членот на „Елема“, Вацлав Лукиќ, слушнал за дискриминацијата со која се соочувала Стефани, по што заедно со тимот решиле да помогнат да се оствари нејзиниот сон, да стане професионален фотограф.

Свеченото отворање на 18 март беше збогатено со два латино танца од Академијата „Рекреатива“, каде настапи и самата Стефани.
Во обраќањето на отворањето, Стефани беше опишана како личност со исклучителна искреност и емоција.
„Стефи е мала по физикусот, ама голем човек… Нејзиното гледање на светот, нејзиниот внатрешен објектив, е сосема субјективен, спонтан и полн со љубов“, беше кажано тогаш.

За нејзините фотографии беше истакнато дека се далеку од класични, поставени портрети.
„Нејзините портрети вибрираат со живот… создаваат синергија која прави фотографијата да ‘дише’“, кажа водителот за нејзините дела.
Посебна благодарност беше упатена до сите кои стојат зад реализацијата на изложбата, вклучително и менторите Стефан Божиновски, Тео Костовски, Стојан Андонов и Наташа Латиновска, како и до Дијана Обрадовиќ, која „ја охрабруваше, ја поддржуваше и веруваше во неа и во добрите и во тешките моменти“.
„Токму таа поддршка ја врати светлината во нејзините очи и фотоапаратот во нејзините раце“, беше нагласено во обраќањето.

Ова не е нејзино прво јавно претставување. Претходно, со поддршка на невладината организација „Икволити“, Стефани изложи 15 фотографии во „Сити мол“, како дел од новогодишна инклузивна забава организирана од Гере Трипков.
Изложбата „Низ објективот на Стефи“ може да се посети и во текот на оваа недела во Галерија „Рудиќ“ (бул. АСНОМ 74), денеска и четврток од 18 до 21 часот.


