Скелет на диносаурус стар 66 милиони години оди на аукција, се очекува да достигне цена до 5,5 милиони долари
Скелет на трицератопс, кој со децении се наоѓал во музеј во американската држава Вајоминг, сега ќе биде понуден на аукција, што е редок случај фосил од диносаурус од музеј да биде на продажба, во време кога пазарот е во рекордна побарувачка за овие праисториски џинови, пишуваат странските медиуми.
Препорачано
Фосилот наречен „Треј“ ќе биде понуден од 17 до 31 март на онлајн аукцијата на платформата „Јоопитер“, која ја основа уметникот и продуцент Фарел Вилијамс. Се проценува дека фосилот би можел да се продаде за цена помеѓу 4,5 и 5,5 милиони долари.
„Треј“, фосил стар над 66 милиони години, кој беше пронајден во близина на Ласк, Вајоминг, во 1993 година, долг е 5,3 метри и бил изложен во 1995 година на големото отворање на Центарот за диносауруси во Термополис, Вајоминг, каде што останал до 2023 година.
Фосилот потоа бил продаден во приватна трансакција и сега се наоѓа во Сингапур, соопшти аукциската куќа.
– Треј го има овој културен аспект што многу фосили што се продаваат на аукција денес едноставно го немаат – рекол палеонтологот Андре Лухан, кој соработуваше со „Јоопитер“ за да го подготви фосилот за аукција.
Лухан објасни дека овој фосил од диносаурус е поврзан со луѓето и несомнено ги инспирирал некои деца што го виделе во музејот да изберат кариера во палеонтологијата.
Фосилите од диносауруси, кои порано беа домен на музеите и универзитетите, станаа сè попопуларни инвестиции, остатоците од стегосаурусот „Апекс“ беа продадени во 2024 година за 44,6 милиони долари на аукција, соборувајќи го претходниот рекорд од 31,8 милиони долари платени во 2020 година за скелетот на тираносаурус рекс наречен „Стен“.
Раководителот на продажба на „Јоопитер“, Кејтлин Донован, рече дека порастот на интересот одразува отстапување од традиционалните категории како што се сликите на старите мајстори кон предмети што имаат „културна резонанца“.
– Диносаурусите отсекогаш ја пленеле нашата имагинација, а луѓето сега почнуваат да ја гледаат вредноста на инвестирањето во нив – рекол Лухан.
Сепак, овој феномен загрижи некои палеонтолози кои веруваат дека важните примероци би можеле да исчезнат во приватните колекции, што би ги лишило научниците од можностите за истражување.
– Ако фосилот заврши во приватна колекција без загарантиран траен пристап, информациите за него во суштина би биле изгубени за науката – рекол експертот Кари Роџерс.
Лухан рече дека се надева дека „Треј“ ќе заврши во музеј по аукцијата, како што беше случајот со Апекс, кој сега е изложен во Американскиот музеј на природата во Њујорк, откако неговиот купувач склучи договор за долгорочен заем, дозволувајќи им на научниците да го проучуваат.


