Мајкл Џексон скапо ја плати цената на славата, осамен на врвот, им веруваше на бескрупулозните советници и лекари кои го одведоа во смрт

профимедиа

Еден од најпопуларните музичари на сите времиња, Мајкл Џексон, денес би го прославил својот 62. роденден. 

Музичарот кој беше на врвот на кариерата, кралот на попот, најголема ѕвезда со над 750 милиони продадени албуми и 13 освоени Греми, истовремено беше и чудак, изобличен од пластични операции, бизарен самотник опкружен со луѓе на кои не требаше да им верува. Мајкл Џексон почина во јуни, 2009 година, на возраст од само 50 години, од преголема доза пропофол – силен анестетик кој го земал заедно со средства против вознемиреност и лекови против несоница.

профимедиа

Токму тој смртоносен коктел му бил направен од доктор Конрад Мареј, кардиолог кој Џексон го ангажирал да престојува со него шест ноќи неделно и да му помогне да се наспие додека траеле напорни тренинзи за веќе распродадени 50 концерти на турнејата „This is It“. Мареј бил добро платен, но алчен доктор. Наместо да му помогне на својот славен пациент, го туркал во големи количини на дроги додека несреќниот Џексон на крајот не заспал за последен пат.

Мареј завршил на суд каде било докажано дека направил 17 тешки грешки од кои, секоја за себе, можела да донесе до катастрофални последици.

Џексон починал сам и напуштен, бидејќи Мареј овој ранлив човек го препуштил сам на себе. Мареј добил четири години затвор, отслужил само две, а потоа се појавил во јавноста со нови скандалозни обвинувања против таткото на Мајкл, менаџерот Џо Џексон. Мареј тврдел дека таткото на Џексон синот си го малтретирал во младоста, хемиски го кастрирал момчето да не влезе во пубертет за да не ги загуби карактеристиките на гласот.

профимедиа

Џо Џексон, инаку, бил неуспешен музичар и своите неостварени амбиции ги пренасочил на децата и со нив го основал бендот „Jackson Five”. Семејството живеело низ цела Америка, настапувајќи секаде, од трговски центри до стриптиз клубови. Таткото, наводно, дисциплината на децата ја одржувал со ќотек, а после концертите исчезнувал секојпат со нова љубовница.

профимедиа

Мајкл како дете снимал различни албуми, а кога братскиот состав се распаднал, почнал соло кариера и во 1979 година го издал својот прв албум Off the Wall.  Истата година и првпат си го оперирал носот. Иако албумот се продал во над 20 милиони примероци, Мајкл посакал уште поголем успех, па следувал следниот албум Thriller, кој на прво место на музичките листи останал 37 недели! Списанијата во тоа време пишуваа дека Мајкл Џексон е поголем феномен од Битлси и Елвис Присли.

профимедиа

Вистина е дека Џексон не постигнал само слава туку и големо богатство. Но набргу следувале контроверзиите, меѓу другото и поради неговиот се побел изглед. Наводно на ваквите операции за побелување на тенот не се изложил за да стане белец туку да ги отргне трагите од драстичната траума од детството и да ја избрише од лицето сличноста со татко му – насилник. Многумина го критикуваа дека се одрекува од сопствените предци.

профимедиа

Во последните години од животот изгледал многу бизарно, со уста и очи нагласени од трајна шминка, со мртовечко бело лице, со протеза на носот кој и не личел веќе на нос. Можеби уште побизарна била неговата склоност кон децата. На својот ранч Неверленд носел болни и сиромашни деца да си играат, а понекогаш децата останувале и да преноќат и тоа со него во кревет. Во 1993 година, родителите на 13годишниот Џордан Чендлер го обвиниле дека сексуално им го злоупотребил синот. Џексон беше изведен на суд, и платил отштета од 20 милиони долари.

Во 1994 година се оженил со Лиза Мару Присли, ќерката на Елвис Присли. Две години подоцна се преженил со медицинската сестра Деби Роу но и овој брак траел кратко.

профимедиа

Неговите животни приходи од авторски права се проценува на околу 750.000.000 долари. „Билборд“ проценува дека Џексон има генерирано најмалку 1 милијарда американски долари во годината по неговата смрт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот