СЈО Е ВЕЌЕ МИНАТО: Јавното обвинителство наследи 171 предмет, „бомбите“ веќе не се докази, туку само индиции

Предлогот се чита и како барање за ново Специјално јавно обвинителство, Фото: МИА

Со новиот закон се гарантира дека постапките покренати од поранешното Специјалното јавно обвинителство продолжуваат.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и официјално веќе не постои. Од денеска стапува на сила новиот Закон за Јавното обвинителство кој беше донесен пред распуштањето на парламентот. Со тоа, престанува важноста на Законот за СЈО, каде вчера вработените го имаа својот последен работен ден и се збогуваа со оваа институција.

Со новиот закон се гарантира дека постапките покренати од поранешното Специјалното јавно обвинителство продолжуваат. СЈО на редовното Обвинителство му предаде 171 предмет, од кои 22 обвиненија, 19 истраги, 38 финансиски истраги и бројни предистраги.

Според законот, предметите од надлежност на СЈО, кои, пак, се преземени од јавниот обвинител Љубомир Јовески, се распоредуваат по јавните обвинителства за натамошно гонење. Согласно членот 110, незаконски прислушуваните разговори нема да можат да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО.

Фото: Слободен печат

Аудиозаписите и транскриптите од „бомбите“ за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог, односно тие не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката. Меѓу другото, со примената на новиот закон за ЈО, Советот на јавните обвинители ќе треба да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Законот предвидува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, да постапува и за најтешките кривични дела како што се перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тероризам, злоупотреба на постапката за јавен повик, како и за кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Најголем дел од предметите покренати од СЈО во себе содржат сомневања дека обвинетите ги сториле овие кривични дела.

Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески по повод стапувањето во сила на новиот Закон за јавно обвинителство.

Фото: МИА

Здравствената криза, како што вели Јовески, донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, но истакнува дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста навремено ќе биде запознаена.

– Обвинителите континуирано постапуваат по сите предмети. Зависно од фазата во која беше преземен секој од предметите, се продолжи со дејствијата и постапките течат. Здравствената криза донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Напоменувам дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена. Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница – рече Јовески.

И покрај тензиите со кои беше проследено неговото донесување во февруари, Јовески не очекува опструкции во неговата примена.

Министерката за правда Рената Дескоска денеска нагласи дека сите предмети на кои работеше Специјалното јавно обвинителство се живи, односно дека новиот Закон дава јасна правна основа за нивно продолжување до конечни судски одлуки. Борбата против криминалот и корупцијата, како што посочи таа, е долга и макотрпна и тоа се гледа не само кај нас, туку и во сите други држави.

– Земете ја за пример Италија која со години се бори со мафијата. Јасно е дека нема инстант решенија за правда, но тоа не треба да ја обесхрабри желбата за правда, ентузијазмот и посветеноста на институциите во борбата, ниту очекувањата на граѓаните за правда – речеДескоска.

Според неа, обврската да се врати довербата во правосудните органи е најтешката и најзначајна обврска пред нас.

– Сега со зголемен буџет и отворен пат за зголемување на бројот на обвинителите, очекувам ентузијазам и пожртвуваност од сите обвинители, истражители и стручни соработници во борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и ефикасност во завршувањето на сите отпочнати постапки – изјави Дескоска.

Ниту животот застанува, ниту борбата за правда ќе запре, рече обвинителката Фатиме Фетаи по денешното рочиште за „Монструм“ во врска со стапувањето во сила на новите одредби во Законот за Јавно Обвинителство со што практично згаснува поранешното СЈО.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Новите одредби се нова законска рамка што им дава и можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Начините за нивно користење зависат од обвинителите –  истакна Фетаи која беше дел од тимот на поранешното СЈО.

Поранешната портпаролка и обвинителка во СЈО за неславниот крај на СЈО на Фејсбук напиша:

„Специјалното Јавно Обвинителство за мене беше симбол на борба за идеали, за борба за правда, за интегритет, за подобра иднина, за борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет“.

 

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Во вчерашното гостување на ТВ21 во дебата со носителите во изборна единица пет Радмила Шеќеринска, која е заменик претседател на СДСМ, го коментираше и стапувањето во сила на новиот закон за Јавно Обвинителство.

– Граѓаните можеа да видат колку долго траеше тој процес во Собранието, колку тешко беше да се дојде до 2/3 мнозинство, а кога ги чувме дел од новите „бомби“ видовме зошто. Сме имале една цела пратеничка група, која практично за пари дадени во кампања требала да испорача блокирање на Законот. И знаете колку енергија, колку преговори особено и премиерот, меѓутоа и многу други министерот за правда, министерка за да дојдеме до Закон којшто ќе го добие и европскиот печат, и којшто ќе обезбеди шанса за правна држава. Меѓутоа тоа е се уште само Закон, ќе биде почеток на она што и треба на државава, а тоа е сериозно прочистување и поголема транспарентност во судството. За жал ние во претходните „бомби“ чувме кој се спрегите помеѓу политиката, криминалот и судството. И дел од тие спреги не можевме да ги уништиме, зошто? Заради тоа што извршната власт не смее да се меша во судството. Меѓутоа со Законот за ЈО, со законите други кои се усогласија со препораките на Венецијанската комисија, сега за првпат имаме шанса – рече Шеќеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот