Синот на Врбица Стефанов ја напушти Италија и се врати во македонската кошарка
Кошаркарскиот клуб Ангели повлече важен потег на трансфер-пазарот во пресрет на продолжението на сезоната во Суперлигата, откако го обезбеди потписот на младиот македонски репрезентативец Рубин Стефанов.
Препорачано
Непосредно пред стартот на вториот дел од шампионатот, тимот од Драчево ја засили конкуренцијата во ростерот со еден од најталентираните кошаркари на домашната сцена, кој по две сезони минати во Италија се враќа во македонската кошарка. Стефанов настапуваше за Унибаскет Ланчано, каде што се наметна со одлични изданија и сезоната ја заврши како најдобар стрелец во У19 категоријата, по што одлучи продолжението од сезоната да го мине во татковината.
Дваесетгодишниот бек, син на кошаркарската легенда Врбица Стефанов и покрај младоста веќе зад себе има богато меѓународно искуство. Својата кошаркарска кариера ја започна во школата на МЗТ Скопје, со кој стигна и до шампионска титула, а подоцна следуваа настапи за неколку клубови во Италија. Дел од неговиот развој беше и престојот во системот на турскиот гигант Анадолу Ефес.
За Стефанов, Ангели не се непозната средина, бидејќи и претходно го носеше дресот на клубот од Драчево, а сега се враќа со цел да помогне тимот да избори опстанок во најсилната лига.


