Синдикатот им порача на газдите: Платите се мизерни, ќе продолжиме со блокади, ќе седиме и со шатори
Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот што им го овозможиле работниците, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и со шатори и секој ден ќе ги потсетуваме дека за тие плати повеќе нема да работиме
Сојузот на синдикати ја блокираше улицата пред Стопанската комора. Тие им порачаа на газдите дека платите се мизерни, далеку од минимумот за достоен живот, што довело до постојано иселување на нашата младина.
Препорачано
Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов, на почетокот на протестот, им порача добро утро на сите освен на работодавачите, како што тоа го направи тоа и пред Собранието во однос на пратениците.
– Газдите мора да сфатат дека имаат пријатели само во работниците, но може да имаат и непријатели. Истите газди, тука зад нас не дозволуваат синдикално организирање во најголем дел од приватниот сектор, но ќе упатам порака и до работниците: Само еден на 10 ваши колеги, се бори за вашите плати. Може да замислите што ќе беше ако се боревме 8 од 10 вработени. Може да замислите ако од 540.000 работници само 100.000 излезевте на улица и дали денес ќе требаше да продолжуваме со блокадите и дали ќе треба да организираме уште еден голем работнички протест и дали ќе треба да организираме генерален штрајк – рече Трендафилов.
Тој им порача на работодавачите дека нивната понуда за зголемување на платите од 6.000 денари сè уште е отворена заедно со задолжувањето на Владата „од едниот во другиот џеб да ги плаќа придонесите на тие вработени за зголемувањето“
– Понудата е уште на маса и им ја кажуваме од улица. Следниот пат нема да дојдеме со понуда, ќе дојдеме со генерален штрајк-рече Трендафилов.
Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор Иван Пешевски ги повика работодавачите да седнат на маса и да се договорат со Синдикатот.
– 600 евра минимална плата е барање за пресметковна единица по која ќе се множат коефициентите на сите вработени во јавниот сектор. Да заборавиме веќе на плата од 400 и 500 евра, затоа што не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници. Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот што им го овозможиле работниците, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и со шатори и секој ден ќе ги потсетуваме дека за тие плати повеќе нема да работиме. Условите за работа и платите во приватниот сектор се мизерни. Платите повеќе наликуваат на социјална помош, отколку на плата за достоинствен живот – рече Пешевски.
Во вторник, ССМ ќе ги блокира приодите на Владата.


