Синдикат: Нашиот став е дека вработените во УЈП не треба да ги враќаат парите
Синдикатот „Солидарност“ е единствен и репрезентативен синдикат на вработените во Управата за јавни приходи. Претседателот на Синдикатот Васе Неданоски во изјава за „Слободен печат“ вели дека тие го доставиле своето видување и мислење до директорката Елена Петрова околу Одлуката на Државниот инспекторат за труд за укинување на одлуката потпишана од претходната директорка Сања Лукаревска за укинување на договорите за работа и давање нови договори.
Препорачано
Неданоски смета дека оваа одлука од Трудовиот инспекторат е формална, а не суштинска.
– Ние сме на став дека не треба да ги враќаат парите за добиените плати според новата систематизација – вели Неданоски.
Тој вели дека вработените мора да имаат континуитет во договорите за работа, а по измените на Законот за управата за јавни приходи, неопходна била нова систематизација.
– Прашање е дали во некоја дополнителна постапка воопшто ќе има влијание дали договорите се пред или пак се по изборите, затоа што не станува збор за нови вработувања туку за нова систематизација, одобрена и добиена. Од правен аспект, работодавачот морал така да постапи во согласност со Законот за управата за јавни приходи. Сепак, што на крај сега ќе се случи, крајниот збор го дава работодавачот – изјави Неданоски.


