Симоновски: Имаме сили да му се спротивставиме на Вардар
Денеска ќе се играат последните натпревари од осмото коло во Првата фудбалска лига на Македонија. Башкими на свој терен го пречекува Вардар, во дуел кој е оценет како натпревар со висок ризик.
Препорачано
Од клубот уверуваат дека гостите ќе имаат ист пречек како и сите останати екипи кои играле на стадионот во Куманово.
Напаѓачот на Башкими, Марко Симоновски верува дека домашниот терен и поддршката од публиката ќе бидат дополнителен мотив за постигнување позитивен резултат против Вардар. Тој смета дека екипата на Башкими има доволен квалитет да му се спротивстави на фаворизираниот противник.
– Пред сè, се надевам на добар и квалитетен натпревар. Играме на домашен терен, што ќе ни даде дополнителен мотив за позитивен резултат пред нашата публика. Покажавме дека имаме квалитет да бидеме во горниот дел од табелата, со млади играчи кои се желни за успех. Вардар е добра екипа со квалитетни поединци, а тоа за нас е само дополнителен мотив – вели Симоновски.
Натпреварот Башкими – Вардар ќе се игра на стадионот во Куманово, со почеток од 15.00 часот. Во истиот термин се среќаваат екипите на Струга и Пелистер.


