Илина Арсова / Фото: Принтскрин / Инстаграм

ВИДЕО | Симбол на истрајност: Нова уникатна приказна на Илина Арсова

„Илина Арсова не е само алпинист, таа е симбол на истрајност. Од Монт Еверест до Антарктик, нејзиниот пат низ ’7-те врвови’ е доказ за моќта на фокусот и здивот. Женскава ги освои највисоките точки на сите континенти и го постави македонското знаме таму каде што воздухот е најредок.“

Со овие силни зборови фитнес-ентузијастот Виктор Петроски го опиша видеото кое го сподели на социјалните мрежи, а на кое вежба заедно со најпознатата македонска алпинистка. Видеото е снимено на брегот на Охридското Езеро, каде Илина и Виктор демонстрираат неверојатна физичка подготвеност и сила.

Тие заедно изведуваат исклучително тешка калистеника вежба – таканареченото „човечко знаме“ (human flag) на метална конструкција, пркосејќи ѝ на гравитацијата со препознатливиот охридски пејзаж во позадина. Оваа импресивна глетка покажа дека за Арсова нема пауза кога станува збор за одржување на формата и тестирање на сопствените лимити.

Илина Арсова со златни букви е запишана во македонската спортска историја како врвен алпинист и првата Македонка која се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри).

Водена од моќта на фокусот и менталната сила, таа го комплетираше и фасцинантниот глобален предизвик „7 врвови“ (Seven Summits), успевајќи да ги освои највисоките планински врвови на сите седум континенти. Од суровиот, замрзнат Антарктик, па сè до најстрашните светски масиви, таа го вееше македонското знаме на највисоките точки на планетата.

Животниот пат на Илина е уникатен спој на спорт, уметност и екологија. Покрај тоа што е врвен спортист, таа е дипломиран уметник и гласен активист за заштита на животната средина.

Нејзината постојана потрага по нови предизвици пред извесен период ја однесе и во Америка, каде помина значаен престој надградувајќи ја својата професионална и академска кариера.

Минатата година, Илина се врати од Америка во Македонија. На Универзитетот во Тенеси, таа беше на докторски студии и работеше како професор на одделот за кинезиологија, рекреација и спорт.

Нејзиниот престој во САД само ја потврди нејзината улога на глобален амбасадор на македонскиот капацитет и нескршлив дух.
Неодамна, Арсова ја откри вистинската причина зошто од Америка се врати во Македонија и зборуваше за својата осаменост.

„Убаво е човек да биде сам и да молчи, да се осами, но голема е разликата од тоа да се биде осамен и да се биде сам. Јас можам да бидам сама во планина и да не се чувствувам осамено, а ми се случувало во Америка да бидам опкружена со луѓе, каде што се чувствував осамена, бидејќи не чувствував дека таму припаѓам. И дури татко ми кога сакаше да ме мотивира ќе ми каже: ‘Ајде сега замисли си дека си на планина сама’. И не беше баш лесно, ама сепак таков совет помага“, рече Арсова во поткастот „Смисла“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот