Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук

Сиљановска Давкова ги отповика амбасадорите од две европски земји и една светска сила

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, потпиша укази за отповикување на тројца амбасадори на Македонија – во Италија, Австрија и Индија, додека амбасадорот во Бразил добива проширени надлежности, објави „4News.mk“.
Најновите укази до кои дојде 4NEWS.mk предвидуваат престанок на мандатите на тројца актуелни амбасадори во наредниот период, со прецизно утврдени датуми за нивно враќање во земјата.

Со Указ број 34, од должноста се отповикува Весел Мемеди, вонреден и ополномоштен амбасадор во Италијанската Република. Неговиот мандат, кој ги опфаќа и нерезидентните должности за Сан Марино и Малта, ќе престане заклучно со 31 јануари 2026 година.

Со Указ број 35, Освит Росоклија е отповикан од позицијата амбасадор во Република Австрија. Неговата должност ќе заврши на крајот на февруари, односно заклучно со 28 февруари 2026 година.

Третото отповикување се однесува на амбасадорот во Њу Делхи. Со Указ број 36, Слободан Узунов е отповикан од должноста амбасадор во Република Индија. Узунов, кој истовремено ги покриваше и Народна Република Бангладеш и Социјалистичка Република Шри Ланка на нерезидентна основа, ќе ја извршува функцијата заклучно со 19 декември 2025 година.

Покрај отповикувањата, Претседателката донесе и одлука за проширување на дипломатското покривање во Јужна Америка.

Со Указ број 37, Игор Попов е именуван за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија за Ориентална Република Уругвај. Попов оваа функција ќе ја извршува од Бразилија, каде што е веќе стациониран како резидентен амбасадор.

Сите укази стапуваат на сила со денот на донесувањето, а за нивното извршување е задолжен Министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот