Гордана Сиљановска-Давкова фото: Кабинет на претседател

Сиљановска-Давкова: Божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Божиќ, упати честитка до граѓаните кои го прославуваат рожденството Христово, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

„Со особена чест и голема почит, Ви го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ, денот на раѓањето на Богомладенецот и Спасителот на светот, во кого се сплотија и лицетворија во совршено единство, божествената и човековата природа. Од срце посакувам мирот божји да го завладее секој православен дом, исполнувајќи го со божјите добродетели. Рождеството Христово, и по повеќе од два милениума, нè вдахновува со неизмерна љубов и бесконечна добрина, хармоничност и мир, потсетувајќи нè на давањето безусловена помош, поткрепа и утеха на сите оние на кои тие им се потребни. И годинава, божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела. Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата. Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та, така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество. Христос се роди!“, се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнична посети кај претседателката.

-Бадниковата поворка и годинава ме посети, носејќи радост и светлина. Најискрените гласници на верата и мирот – децата, пеејќи за вечниот Бог и Божјата љубов, го најавија Христовото раѓање, објави претседателката на Фејсбук.

Таа додаде дека во духот на празникот ги дарувала со Бадникови пакетчиња, а тие, како што пишува во објавата, „небаре славејски хор, со озарени лица и блескави насмевки ја поттикаа мојата надеж за подобро утре“.

-Со срца полни со љубов, си посакавме среќен Божиќ и си ветивме дека и понатаму ќе ја чуваме и негуваме вековната традиција, наведува претседателката во објавата на Фејсбук. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот