Силекс во битка за четвртиот, а Македонија ЃП за вториот куп трофеј

михаилов бајрами
Тренерите Горазд Михаилов („Силекс“) и Муарем Бајрами („Македонија ЃП“)/Фото: Слободен печат

Екипите на Силекс и Македонија Ѓорче Петров в петок (20 мај) ќе играат во финалето на Купот на Македонија со почеток од 18.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Силекс ќе се обиде да го освои четвртиот трофеј во клупската историја од најстарото фудбалско натпреварување во нашата земја, додека „лавовите“ од Ѓорче Петров ќе играат за втора куп титула.

Екипата на Силекс која од следната сезона се враќа во Првата фудбалска лига, во полуфиналето беше подобра од Пелистер, додека Македонија Ѓорче Петров последната пречка пред финалната пресметка, Струга Трим Љум ја помина преку пенал рулетот.

– Силекс минатата година испадна, но го освои Купот. Ние сме бранители на трофејот и сме единствен второлигаш што ќе го брани трофејот. Кој играч и да настапи во финалето ќе го даде максимумот. Го респектираме нашиот противник кој до последното коло во сезоната беше во игра да избори влез во Европа преку лигата, додека на нас со победите над Брегалница и Пелистер ни се отвори шанса за ново Куп-финале. Ќе дадеме сè од себе, но се надевам дека ќе победи фудбалот. Во вакви натпревари нема фаворити, но сепак противникот како прволигаш ќе има блага предност. Прекрасно ќе биде враќањето во елитата да го заокружиме со нов пехар во Купот и настап во Европа – вели тренерот на Силекс, Зоран Михаилов.

Свои математики за денешниот натпревар имаат и „лавовите“ од Ѓорче Петров кои на патот до финалето ги елиминираа Академија Пандев, Струга ТЉ и новиот шампион Шкупи. Стратегот на ѓорчепетровци изјави дека неговите играчи имаат квалитет и дека може да го освојат трофејот.

– Сите знаеме дека нè очекува финале против Силекс, натпревар за кое сме подготвени. Сосема заслужено сме во финалето бидејќи ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи, Струга. Мислам дека имаме квалитет, и верувам дека можеме да го освоиме трофејот. Максимално го почитуваме тимот на Силекс без разлика на тоа што сезонава беше второлигаш, но е актуелен освојувач на Купот. Ја анализиравме нивната игра и видовме дека станува збор за одличен тим воден од одличен тренер. Во секој момент знаат што прават, и буквално се прошетаа низ втората лига. Имаме квалитет, за мене е ова прво финале како тренер, а два пати го имам освоено како играч со Слога Ј во 2004 и со Ренова во 2012 година. Се надевам на прв триумф како тренер. Не криеме, сакаме победа, го сакаме пехарот, сакаме излез во Европа – смета тренерот на Македонија Ѓорче Петров, Муарем Бајрами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот