Сибирскиот поларен вртлог поминува низ Европа и носи ниски температури
На Северна Америка, Европа и Азија им се заканува студен бран сличен на оној во 2014 година, кога температурата во Чикаго падна до -27 степени Целзиусови, предвидуваат метеоролозите.
Водечкиот метеоролог на ИБМ, Тод Крофорд, укажува дека по двегодишно затишје, на северната хемисфера можеби повторно ѝ се заканува продор на леден воздух, односно продор на поларниот вртлог од Арктикот.
„Веројатно ќе дојде до возбудлив период со студени денови и обилен снег“, вели Крофорд.
Студениот воздух веќе продре во Западна Европа и Кина.
Во Париз температурата е за 3,5 степени пониска од просечната во овој период од годината, а во Мадрид е дури за 6,9 степени постудено отколку вообичаено. Во Пекинг температурата падна на рекордно ниско ниво, па во четвртокот било -9 степени, наведува Тајлер Ројс, метеоролог на апликацијата Акуведер.
„Технички, станува збор за поларни вртлози кои кружат на Арктикот и го држат студот заробен далеку на север, но со пораст на температурите, познато како ненадејно стратосферско загревање, студениот воздух може да го пробие поларниот „обрач“ и да се упати кон југ. Тоа носи студено време секаде на северната хемисфера, иако по сѐ судејќи, оваа година ледениот бран ќе се задржи најверојатно само во САД“, вели Рајан Трушелу, претседател на компанијата Ведер тајгер ЛЦЦ.
„Многупати во минатото се случило прогнозите за студено време да бидат само лажнаузбуна“, оптимист е Џим Роулер, водечки метеоролог во Енерџи ведер.