Си ја преградил Кадина река да си прави струја

кадина река
Кадина река, Фото: Фејсбук

Пред повеќе од еден месец инспекторите констатирале дека реката во близина на рибникот била делумно затрупана од градежните активности кои без дозвола ги извршувал газдата на рибникот со цел да си направи мини хидроцентрала.

Парична глоба од 600 евра во денарска противвредност му изрече државниот Инспекторат за животна средина на новиот сопственик на рибникот „Принц“ на Кадина река блиску до селото Алдинци на Караџица за уништување на речното корито. Пред повеќе од еден месец инспекторите констатирале дека реката во близина на рибникот била делумно затрупана од градежните активности кои без дозвола ги извршувал газдата на рибникот со цел да си направи мини хидроцентрала.

Според информациите од државниот Инспекторат, физичко лице од Скопје во речното корито има поставено земјен насип врз три ребрасти цевки со пречник 800 см, кој се користи како локален пат преку Кадина река до с.Алдинци, а на бетонска каскада надвор од речното корито поставил метални перки со намера да произведува електрична енергија, придвижувани со помош на водата од Кадина река.

Од страна на Инспекторатот, на одговорните од рибникот, кој во моментов не работи, им било кажано дека доколку имаат намера да го активираат рибникот за одгледување риби, ќе треба да обезбедат нова водостопанска дозвола поради истекување на старата дозвола.

Истото важи и за производство на електрична енергија, доколку во иднина има намера да користи вода за оваа намена, ќе биде потребно да обезбеди нова водостопанска дозвола. Поради стечај, рибникот беше неколку години надвор од функција.

Рибникот „Принц“ e лоциран во близина на месноста Преслап, а неговите претходни и сегашни сопственици со години ја узурпираат реката и нејзината непосредна околина, главно со пробивање на патишта низ столетната букова шума и масовна сеча на шумата, а сега и со преградување и уништување на речното корито на една од последните чисти планински реки во околината на Скопје. Укажувањата на планинарите и на другите љубители на природата кои се движат низ овој предел, дека се уништува природата, досега не вродија со плод.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот