Што претставува суспензијата на голманот: Ристовски нема да може да настапи на Олимписки игри

Фото ЕПА, Георги Личовски

Според претседателот на Дисциплинската комисија при Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Јордан Тасевски, четиригодишната суспензија изречена на голманот Борко Ристовски значи дека ќе му биде забрането учество во олимписки спортови под организација на нашиот и на Интернационалниот олимписки комитет, во што спаѓаат Медитеранските игри, Европските олимписки игри и Олимписките игри, а евентуално и други активности

Дисциплинската комисија на Олимпискиот комитет на Северна Македонија неодамна му изрече суспензија на ракометниот голман Борко Ристовски во рок од четири години. Суспензијата е реакција на наводните навреди и клевети што Ристовски ги изнел во ТВ-емисија за Даниел Димевски, претседател на нашата олимписка организација. Во одлуката на Дисциплинската комисија меѓу другото стои и формулацијата „забрана за вршење работа во олимпискиот спорт во период од четири години“.

Имаше многу реакции на суспензијата на Ристовски, поделени мислења во јавноста дали ја заслужил или не суспензија. Но, главно не беше објаснето што практично значи таа суспензија, каде на голманот ќе му биде забрането да настапува, а каде и дали воопшто ќе може да си ја продолжи кариерата. Побаравме одговор да се прецизира погоре дадената формулација од претседателот на споменатата Дисциплинска комисија, Јордан Тасевски.

– Ќе му биде забрането учество во олимписки спортови под организација на Македонскиот олимписки комитет и на Интернационалниот олимписки комитет, во што спаѓаат Медитеранските игри, Европските олимписки игри и Олимписките игри. Комисијата одлучи така. Некои беа за суспензија, некои како јас беа неутрални, но одлуката на крајот беше таа. Јас се потпишав на одлуката како претседател, а потпишан е и генералниот секретар. Комисијата е релевантна да одлучува за делото што го направил (Ристовски, н.з.) во настапот на ТВ. Што кажа и како кажа. Можеби, покрај она што го набројав, Ристовски би можел да биде суспендиран и од некои други настани што ќе бидат организирани од Комитетот (МОК, н.з.). Би можел да настапи на ракометното ЕП или на СП на пример (кои се во организација на ИХФ и ЕХФ), затоа што тие настани не се во организација на МОК или ИОК. Можеби за поопширен одговор би требало да контактирате со некои други личности од нашата олимписка организација – ни кажа Тасевски.

Според наше разбирање, Ристовски не би требало да има проблем да настапува за РК Вардар, чиј голман е сега. Го прашавме и Ристовски за реакција, но тој најави дека наскоро ќе зборува за својот став по повод суспензијата.

– В петок ќе организирам прес-конференција на која ќе зборувам за суспензијата, а дотогаш не би сакал да коментирам ништо – ни изјави голманот.

Инаку, суспензијата е изречена поради прекршување на имиџот и статутот на олимпиското движење и со неа Борко доби забрана за вршење работа во олимпискиот спорт во траење од четири години. Во образложението дадено од Дисциплинската комисија е кажано дека на 2 март, како претставник на политичка партија, Борко Ристовски во ТВ-настап изнел груби лаги, клевети и невистини и ширеше неточни информации за претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија Даниел Димевски, кои можат да бидат штетни за ОКСМ, федерациите-членки на ОКСМ и за спортистите. Тој притоа прекршил повеќе закони, членови на Статутот на ОКСМ и Дисциплинскиот правилник на ОКСМ.

Тоа стои во соопштението на олимпискиот комитет во кое меѓу другото веднаш потоа се соопштува дека на Ристовски му се изрекува дисциплинска мерка „забрана за вршење работа во олимпискиот спорт во период од четири години“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот